[Став] Колку толеранцијата е негативна?

Пишува: Ристо Савески

Мултикултурализмот како што е сфатен во нашиот политички систем, ја поставува толеранцијата како централна и основна вредност. А толеранцијата како поим, сама по себе, е негативен поим. Толеранцијата, иако означува постоење и почитување на одредени разлики, во суштина значи трпење и воздржување, или трпење на некого или нешто.

Во нашиов случај, албанската опозиција е ставена во состојба да треба да надмине нешто што е ненадимнливо: националистичко мајсторство. Секој обид на албанската опозицијата, да го придобие разочараниот албански електорат, претставува танцување и играње на границата на видливиот националистички универзум. Натпревар кој ќе го направи поголемиот трик за албанскиот електорат; кој ќе го извади пошарениот зајак од шеширот; кој ја има поинтересната карта во ракавот. Во случајов кој ќе го провее поголемото двоглаво знаме, кој ќе ја каже погласно буквата „А“ од Албанија…

Лично, не сум зачуден, ниту изненаден од секое наредно продлабочување, па и ова. Тетовчани виделе многу на полето на злоупотреба на (етнички) чувства за собирање на некои поени. Жалното е следново: на албанската политичка и интелектуална елита, албанскиот народ ѝ има положено одреден тип на доверба на водство. Оттука, истата има можност, да проба да воведе реформи и новини во политичката мисла, општествениот резон и свест на просечниот и обичниот албанец. Бидејќи сево ова е процес кој трае. Но, последните децении покажаа, дека многу полесно е да се владее со национализмот, чие главно оружје е стравот и припадноста, како основни човекови потреби, наместо со напредни размисли и светогледи. Па наместо реформиран и напреден поглед на самоспознавањето и перцепцијата на сопствената национална приказна, албанската политичка и интелектуална елита, си се служи со првата алатка што ѝ е при рака, пробувајќи да го најде новото дно на дното. Да покаже кој ќе биде поголемиот „џек“ пред народот.

А како и што придонесува ова? Се враќаме на почетокот: колку толеранцијата е негативна?

Мултикулурализмот (иако застарен модел на соживот) не се наметнува и не се глуми. Не е тоа збор, што само ќе се користи во говори на некои празници и митинзи. Тоа е процес и се учи. Тоа е процес кој бара напор и влог од сите засегнати страни и чинители, особено од политичките (какви-такви) елити.

Албанецот, освен што е гласач е и човек, со реални социо-економски потреби. Му треба работа, просперитет, инфраструктура, пристап до можности, чувство на припадност во целината, во државава. Му треба да знае дека утре неговите деца, ќе си го бараат лебот овде, во Македонија, а не по Швајцарии и Шведски, Белгии и Германии… По целиот бел свет.

Најмалку сум јас кадарен да зборувам, за тоа што му треба на Албанецот. Но едно нешто сум сигурен: не му треба ова. Не му треба веењето на знамиња, влечење за нос, кога станува збор за националните чувства. Како што не ни треба на сите. Никому не треба национализам, иредентизам и шовинизам. Зошто сум сигурен во ова? Затоа што оваа реторика не доведе до ова дереџе, да се трпиме еден со друг. Не да се почитуваме, туку трпиме. А трпењето, не води кон напредок, најмалку кон соживот.

*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.

Пишува: Ристо Савески