[Став] Нели, зарем не беше иднината во младите!?

Пишува: Станиша Станковиќ

„Неопходна е реформа“ – реченица што младите секојдневно ја слушаат од јавните институции, носителите на одлуки, граѓанските организации, но и од секој еден од нас, како поединец. Реченица која некогаш беше мотивирачка со надеж, но сега, е сè друго, освен некаква мотивација и поттик кај младите, дека „тие реформи“ се неопходни и некогаш во блиска иднина ќе се случат.

Кога ќе прочитаме некоја вест како: „90 ОТСТО ОД МЛАДИТЕ ВО ЗЕМЈАВА САКААТ ДА СЕ ИСЕЛАТ“, тоа и воопшто не е сеедно. Верувам дека секој оној кој го прочитал барем насловот, не останал без некаква реакција. Не е сеедно ниту на државата, ниту на јавноста. Тука се поставуваат милиони прашања без соодветни одговори. Како дојдовме  до ова, како дозволивме да младите стекнат одбивност кон својата сопствена татковина, како да не ја гледаат иднината во неа. Нели, зарем не беше иднината во младите!?

Не знам, ниту не можам да се сетам, како млада личност во која област, поле, сегмент, дел од општеството ние имаме целосна реформа, односно ние ја спроведовме очекуваната реформа во целост.

Корупцијата, невработеноста, сиромаштијата, неквалитетното образование – основна „мотивација“ младите да се иселат

Ова се само основните фактори кои влијаат и ги „мотивираат“ младите да не ја градат иднината тука. Да не зборуваме за недостапноста до институциите, непочитувањето на правата на маргинализираните групи на граѓани, младинската неинформираност и неинволвираност и „токсичната“ средина.

Суштински гледано ние тежнееме кон подобро утро, но секогаш работите ги решаваме откако ќе се случат, едноставно, кога ќе се појави одреден општествен проблем, ние даваме предлози и идеи, креираме работни групи, пишуваме иницијативи, донесуваме измени и што уште не. Во некои случаи, сосем предоцна.

Одиме кон Европската Унија без млади, можеби таму ќе ги сретнеме и запознаеме!

Колку ова да Ви звучи комично, отсликува огромна трагедија. Државата е насочена кон европските интеграции и вклучување во Европската Унија, но нашите млади се веќе таму или се спремаат во секој момент да заминат. Додека го читате ова, барем еден млад човек во Македонија бара информации како да замине во некоја од Европските земји. Губиме лекари, ИТ инженери, стручни лица од разни области, занаетчии и што уште не. Овој тренд никако не запира и тоа е знак дека грешиме во одлуките, грешиме во младинските политики.

Веќе преминуваме од една фаза на реторика во друга, во смисла „ќе се имплементира“, треба да се насочи „се спроведува“. Се она што оди со „ЌЕ“, треба да се замени со сега и одма, тука и веднаш. Немаме веќе ни избор ни опција, ни време ни простор за дискусија.

Дали се (не)имплементира на Законот за младинско учество и млади?

Bo 2020 година, Собранието го донесе Законот кој го гарантира младинското учество и дава поголем фокус и отвореност кон младите. Но и повеќе од две години по донесувањето на Законот, голем дел од предвидените мерки за младите и младинските сервиси за млади сѐ уште не се видливи на дело. Дури и (не)застапеноста на младите е очигледна, односно само 2,5% од градоначалниците и 17% од советниците низ Општините се млади лица, додека во од 120 пратеници во македонското Собрание само 9 се на возраст од 18 до 35 години.

„Потребни се нови инветерни мерки, донесени од младите за младите“ – ова многу
добро го знаеме

Мерки по мерка за младите: образование, социјална инклузија и сигурност, младинско вработување, намалување и исчезнување на корупцијата, елиминирање на дискриминацијата, следување на минимално ниво на емиграција, со фокус на намалување на внатрешната миграција од малите градови кон главниот град.

Кога велиме од млади – за млади, мораме да покажеме како тоа изгледа. Интересите, потребите и вештините на младите се менуваат и надоградуваат, па така и македонскиот систем во целост мора да ги прати. Институциите мора да ги земат во предвид, доколку и самите сакаат прогрес во нивното делување. Незадоволството од младите за младинскиот стандард е очигледно, и не дава позитивни понатамошни верувања кај младите дека нешто еден ден ќе се промени. Можеби одговорот не е само во креирањето на младинските политики од страна на младите, туку и младинска поддршка во самото делување и оценување на тие политики.

Сега, ние повеќе немаме време за губење, ниту млади за иселување

Годинава ја завршуваме со отпочната Национална Стратегија за млади 2023 – 2027, која има за цел да направи анализа на досегашните, но и да исцрта нови политики за младите, младинската заедница и младинското учество.

Огромен број на млади, младински организации, преставници на граѓански организации, експерти, стручни лица се одѕва на поканата и ја изразија својата заинтересираност. Што е сосема одлично и е за пофалба. Но останува прашањето колку ова ќе придонесе за застапеноста на младите и дали и оваа стратегија ќе ги исполни очекувањата на младите во целост.

Завршувам во дилема, минимален прогрес и многу прашања за кои точни одговори и резултати ќе даде само времето, што е можно блиска иднина, без одолговлекување.

Станиша Станковиќ