Младите да бидат вклучени во креирање политики за да се спречи нивно иселување

Како може да се спречи проблемот со иселувањето на младите? Дали преку нивно вклучување во креирањето политики? Кој е потенцијалот кој може да се изгуби со иселувањето на младите? Кои мерки се преземаат? Овие прашања беа во фокус на денешната конференција „Да кажеме СТОП за иселувањето на младите“, во организација на Институтот за социјална демократија Прогрес.

Експертка за јавни политики Тања Томиќ се осврна на начинот на кој се креираат политиките. Според неа, политиката треба да е долгорочен и сеопфатен процес, кој ќе започне со анализа на состојбата во областа во која треба да се креира.

Но, Томиќ вели дека она што често се случува е при креирањето на политиките да се направи кратко и брзо истражување, или многу често и лична перцепција за тоа што претставува проблемот, додавајќи дека заради тоа, целата политика, односно целиот процес на нејзино креирање е понатаму компромитирана.

„Навистина е значајно, првенствено кога говориме за политиките коишто се однесуваат на младите, тие да бидат вклучени во креирањето на самата политика, односно она што да речеме, доколку јас би требало да го правам истражувањето, перцепцијата и начинот на размислување кој што јас го имам е сосема различен од тој кој што го имате вие како млади на 18, 19 или 25 години. Потребите кои ги имаат младите се сосема различни од тоа што ние сме го имале кога сме биле млади“, рече Томиќ.

Од тие причини, смета дека при креирањето на политиките е исклучително значајно институциите да ги консултираат младите, да бидат прашани што е главниот проблем што треба да се решава.

Истовремено, младинските различности и заедничките работи треба да се имаат предвид при правењето на анализата.

„Бидејќи млади коишто се од различни етнички заедници, од различно социјално и економско потекло, со различен степен на образование имаат различен тип на потреби и барања. При правењето на тоа истражување, особено е значајно да сите тие се земат предвид, наместо да биде политиката насочена кон една одредена целна група“, објаснува Томиќ.

Во меѓувреме, покрај младите кои вели дека се најранлива категорија и многу зависни од своите ментори и од семејството, при креирањето на истражувањето е важно и тие да бидат вклучени. Она што треба да се промени, според Томиќ е и вклучувањето на младите во носењето на политиките.

Основната потреба и основниот проблем на младите пак, кој што треба политиките во државата да го решат, според Томиќ е квалитетот на живеење.

„Ако претходно се иселувале само неквалификувани кадри, заради примањата коишто им биле на располагање во другите држави, се повеќе во изминатите години се иселуваат и квалификувани и висококвалификувани кадри, кои што добро би заработувале и во Македонија, меѓутоа нема да го имаат истиот квалитет на живот кој што ќе го добијат во некоја европска земја. Тука мислам на целокупниот квалитет на живот, од можности за дополнително образование, од социјален аспект, од културни можности, значи во голема мера и културниот живот влијае на тоа некој млад човек да се одлучи да замине од државата“, објаснува таа.

Оттука, Томиќ вели дека има 4 најважни потреби на младите кои треба да се задоволат при креирањето на политиките, а тоа се задоволување на основните развојни потреби и вреднување на нивниот придонес, заштитата, односно дека треба да се спречува и реагира на сите видови насилство, експлоатација и злоупотреба на работната сила на младите.

Дополнително, Томиќ вели дека третиот аспект кој треба да се третира било која политика е подготвеноста, но важна е и ангажираноста и вклученоста на младите, односно потребата да се воспостават канали и механизми за дијалог, и да им овозможи на младите да придонесат при креирањето на политиките и нивното спроведување.

Претседателот на Младинскиот образовен форум (МОФ), Петар Барлаковски посочи дека помеѓу младите има висок степен на незадоволство од тоа што државата не придонесува за подобрување на младинскиот стандард. Дополнително, тој посочи дека МОФ направил и истражување каде целта била да се видат разликите кои ги имаат младите кои живеат во главниот град, и младите од помалите населени места.

„Она што го видовме е дека 56.8% од младите сметаат дека државата воопшто не придонесува за младите коишто живеат во неразвиени рурални средини и дополнително 61.4% од младите сметаат дека државата дополнително не придонесува за младите кои што живеат во сиромаштија. Што ни кажува ова, прво дека имаме висок степен на младинско незадоволство од страна на како тоа државните власти се грижат за оваа категорија луѓе и второ дека имаме огромна дискрепанца помеѓу кои можности и потреби ги имаат младите на локално ниво и младите на централно ниво“, дециден е Барлаковски.

Па така, тој посочува дека кога се креираат политики, важно е да се направи добра анализа, според потребите и можностите што ги имаат младите, но и дека покрај мерките кои се прават на национално ниво, потребно е дополнително да се направат мерки на локално ниво.

Владимир Красиќ од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) на конференцијата се осврна на потенцијалот кој се губи од иселувањето, но и на мерките кои се преземаат за да се задржат младите во земјава.

„Миграцијата во нашиот регион и во нашата земја постоела и ќе постои, луѓето мигрираат од многу причини, од регион во регион, како внатрешна миграција, така и надворешна. Една од тие е зголемување на шансите за вработеност и за подобрување на квалитетот на животот. Миграцијата влијае на економиите, на земјите вклучени, може да има и позитивен и негативен аспект во зависност од моменталната состојба на економиите на земјите. Кога луѓето ја напуштаат земјата, тие ја намалуваат работната сила и потрошувачката на нацијата“, рече Красиќ.

Во зависност од тоа дали емиграцијата е контролирана или неконтролирана, според Красиќ таа има голем ефект врз пазарот на трудот, но и врз платите.

„Доколку е неконтролирана и доколку тие групи се големи, значи во земјата каде што тие се населуваат може да ги намалат платите, затоа што нели, секогаш треба да ја гледаме понудата и побарувачката на пазарот на трудот, така да може да се намалат платите на домородното население, односно лицата кои што си живеат во тие земји“, рече Красиќ.

Голем проблем е и стапката на фертилитет, која, како што посочи Красиќ од година во година се повеќе се намалува, додека во меѓувреме се повеќе се зголемува животниот век на лицата, што во иднина може да предизвика проблем со пензискиот фонд.

Во МТСП, тој вели дека прават сет активности за намалување на стапката на иселување, а една од нив е и оперативниот план кој со години се применува во земјава.

„Значи, од пред неколку години е застапена како квота и во однос на директните вработувања, меѓутоа и во услугите, 30% од лицата кои се вклучени во било која мерка мора да се млади лица, односно лица од 15 до 29 години, за да можеме тој јаз од училиште на работа да го пребродиме побрзо, кој што кај нас отприлика е некаде околу 2 и пол години. Исто така, водиме сметка и за половата структура, значи да бидат 50-50, а и во однос на внатрешната миграција, од претходната година е застапена и рамномерно регионално да се распределуваат сите овие мерки“, истакна Красиќ.

Истовремено, тој посочи дека МТСП со помош на Меѓународната организација на трудот развило модел за преглед на занимања каде што се опишани бараните занимања на пазарот на трудот, кои се слични и во другите држави.

„Таа страна е наменета во најголем дел за млади лица, односно средношколци и основци за да ги изберат занимањата, односно да учат за занимања кои што се барани на пазарот на трудот, а со самото тоа и полесна нивна вработливост во иднина. Во моментот имаме 74 занимања опишани на веб-страницата, претходната година со работната група со ИЛО развивме и нов работен план 2022-2026 и во план е до крајот на 2026 да се изготват уште 51 занимање, така да вкупно на крајот на 2026 ќе има опишано 125 занимања“, посочи Красиќ.

Сашо Додовски од Прогрес вели дека проблемот на иселувањето на младите е можеби и проблем број еден, којшто треба да се третира, за да се понудат конкретни мерки кои ќе помогнат да се сопре таквиот процес.

„Факт е дека ова е појава којашто не е нова и којашто датира подолг период и историски гледано наназад. Регионот на Балканот секогаш бил иселенички настроен, но она што се случува последните години, либерализацијата на пазарот на трудот, либерализацијата на селењето од една во друга држава, мерките коишто беа преземени преку можностите за студирање на различни универзитети, но пред се според мене стареењето на населението во Европа, доведува до ситуација во многу западноевропски земји или земји-членки на ЕУ постои недостиг на кадри, особено од одредени области што неминовно доведува до дополнително поттикнување на иселувањето, а особено кај младите“, рече тој.

Дополнително, како еден од проблемите, Додовски ја посочи внатрешната миграција, за која вели дека претставува еднаков проблем, а особено миграцијата од помалите места во главниот град.

„Тоа е нешто што можеби недоволно се гледа како проблем, но, убедувам дека реално ќе го воочиме за многу кратко време, а тоа кратко време е помалку од пет, шест години кога ќе се соочиме со најголемиот дел од помали урбани центри, имаме комплетен недостиг на одредени кадри кои што дополнително ќе влијае за нивно послушување и дополнително поттикнување за селење особено на младите на релација провинција-главен град“, дециден е Додовски.

Мартин Колоски