[Став] ЏЕФ: Европскиот пат на Македонија е наша „домашна задача“

Здружението Млади европски федералисти Македонија (ЏЕФ Македонија) ја поздравува одлуката на Европскиот Совет да одреди условен датум за почеток на пристапните преговори на Европската Унија со Република Македонија и Република Албанија во јули 2019. Здружението излезе со свој став за заклучоците на Советот на ЕУ за Република Македонија кој го пренесуваме интегрално.

„ЏЕФ Македонија останува на ставот дека европскиот пат на Македонија е наша „домашна задача“.

Оттука, условот од целосно спроведување на реформите во клучните области е разбирлив. Борбата против организираниот криминал и корупцијата, реформите во правосудството, јавната администрација и безбедносните служби се првенствено потребни за подигање на професионалноста на македонските институции, владеењето на правото и заштитата на човековите права.

Дополнително, потребата од реформи во економијата и подобрување на законската регулатива со цел намалување на високата невработеност кај младите и жените треба да биде сериозно разгледана од властите. Овие реформи се особено важни за економскиот развој и намалување и спречување на одливот на мозоци. Горенаведеното, според наше длабоко уверување, несомнено ќе го подобри животот на македонските државјани – идни европски граѓани.

Имајќи го предвид горенаведеното, ЏЕФ Македонија ги повикува државните институции и носителите на власта сериозно да ги сфатат овие одредници на Советот и да се посветат на спроведувањето на започнатите реформи. Истовремено, ЏЕФ Македонија ги повикува институциите, државите-членки и лидерите на ЕУ да останат верни на ветувањето за кредибилната европска перспектива на земјите од Западен Балкан.

Во таа насока, искрено се надеваме дека претседателствата со Советот на ЕУ во периодот што следи, поточно австриското, романското, финското и хрватското претседателство ќе го следат примерот на бугарското претседателство, како и заклучоците од Стратегијата за проширување на ЕУ и Самитот во Софија, а во насока на зачувување на проширувањето на ЕУ високо на агендата. Дотолку повеќе, ЏЕФ Македонија се надева дека новиот состав на Европскиот Парламент и Европската Комисија, по завршувањето на изборите за Европскиот Парламент во мај 2019, ќе се придржуваат на истата агенда.“

Линк до заклучоците на Советот: http://www.consilium.europa.eu/media/35863/st10555-en18.pdf