ССНМ: Закани кон новинарите кои штрајкуваат

Штрајкувачките одбори на редакциите „Вест“, „Утрински“ и „Дневник“ решија да го зголемат времетрањето на штрајкот од 4 на 6 часа заради игнорантскиот однос на менаџментот кој иако уредно информиран со недели не покажа интерес за средба со синдикалните претставници, велат од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија.

„Утре, 21 февруари, 2017 година ќе излезе 5.000 број на дневниот весник „Вест“. Жално е што редакцијата ќе го подготвува ова јубилејно издание од позиција на штрајк.
Во претходните денови наместо разговор за решавање на проблемите се засилија притисоците врз медиумските работници со телефонски јавувања и закани со отпуштања и казнувања“, се вели во соопштението на ССНМ.

Новинарите и медиунските работници велат дека ќе ги информираат сите релевантни меѓународни институции за заканите што ги добиваат.

„Решителноста на новинарите и медиумските работници во изданијата на МПМ не се намалува. Преку одбрана на нивните колективни права тие застанауваат во одбрана и на демократскиот интегритет на професијата“, посочуваат од ССНМ.

Информираат дека тие во меѓувреме продолжуваат да ги изработуваат весниците, бидејќи како што велат, тоа им го должат на читателите.

Во моментов, Срѓан Керим е единствен сопственик на МПМ откако „Орка Холдинг“ неодамна соопшти дека го продала својот удел во компанијата.