ССНМ и ЗНМ со крводарителска акција го одбележаа Светскиот ден на слобода на медиумите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) со поддршка на Црвен Крст на Град Скопје и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со денешната крводарителска акција во четири града во Македонија го одбележаа 3 мај – Светскиот ден на слобода на медиумите.

На акцијата се приклучија десетици новинари и медиумски работници од Скопје, Штип, Струмица и Битола.

Овој настан се одржува втора година по ред и е во рамки на кампањата за одбележувањето на Светскиот ден на слобода на медиумите предводена од Меѓународната федерација на новинари, чиј член е ССНМ.

По тој повод на настанот се обрати и претседателот на ССНМ, Павле Беловски кој рече дека по повод овој ден треба да се испратат две важни пораки.

„Слободата на медиумите се темели на два фундаменти. Тоа е здравото работно место, односно работните места ослободени од прекаријат и слободата на изразување односно правото на слободна мисла. И тука треба да си го поставиме прашањето дали ние работиме во такви услови. Сепак, бројките се поразителни, за да можеме да одговориме на ова прашање треба да констатираме дека 70% од вработените, над 2.000 медиумски работници се со плати под државниот просек и ист толкав број сакаат да ја напуштат оваа професија“, рече Беловски.

Според него солидарноста е многу важна во борбата за слободата на изразување и слободата на медиумите.

„Сто и дваесет наши колеги во светот и го загубиле животот. Затоа треба да се солидаризираме и денеска со оваа крводарителска акција да покажеме дека иако често е глорифицирана нашата работа и сме поттикнати дека сме поважни од останатие, тоа не е така, ние сме само обични луѓе, но сме важни по едно прашање, а тоа се грижиме за демократијата и преку нашата работа ја поттикнуваме слободата на изразувањето и градиме подобри општества. Но за да можеме да градиме подобро општество и здрава демократија мора да имаме предвид дека треба да сме слободни при тоа што го работиме“, додаде Беловски.

На настанот се обрати и Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ кој нагласи дека овој ден е важен во борбата на новинарите за подобри услови за работа.

„Новинарите често работат во небезбедни средини, соочени со цензура, малтретирање, заплашување, па дури и насилство. Слободата на медиумите е тесно поврзана со правото на пристап до информации на граѓаните. Овој ден се залага за слободата на информациите како основно човеково право, клучно за информирано донесување одлуки и функционирањето на една демократија“, рече Драган Секуловски“, извршен директор на ЗНМ.

Секретарката на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска се заблагодари за хуманоста и додаде дека функцијата која ја вршат новинарите е многу важна.

„Исто така вашата активност, вашата работа во нашето општество и глобално на светско ниво покажува навистина дека сте луѓе кои заслужуваат почит бидејќи и во мирнодопско време и во време на кризи, војни вие сте тука да ги информирате луѓето за тоа што се случува. Сметам дека бројката од 125 новинари кои го загубиле животот во една година исто така на своите работни места говори за тоа колку сте изложени на ризици. Меѓутоа повторно истакнувам дека начинот на којшто во Македонија го одбележуваме овој ден се покажува навистина почит кон животот“, рече Тунева-Пауновска.