Средношколски државен натпревар по класични јазици, во сабота на Филозофски

Во организација на здружението Антика и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во сабота (16 мај 2015 година), во просториите на Филозофскиот факултет во Скопје со почеток во 10.30 часот, ќе се одржи 44-тиот Републички натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Република Македонија.

На натпреварот учествуваат ученици од средните училишта од цела Македонија кои се натпреваруваат во три категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно и продолжително ниво за гимназија и здравствена струка. Оваа година на натпреварите учество ќе земат и ученици кои почетно го изучуваат старогрчкиот јазик.

Натпреварите финансиски ги поддржува Филозофскиот факултет. Во организацијата активно учество земаат и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Филозофскиот факултет. Исто така ќе биде одржана и презентација на последните два броја (бр.24 и 25) на електронското списание Systasis.

За време на натпреварите здружението Антика вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Здружението постои од мај, 2001 година и во него членуваат професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Република Македонија и популаризација на класичната филологија.

Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји.

Здружението го издава електронското списание Systasis.