Списанието „Кинопис“ одбележува јубилеен 60. број

Со презентација на најновото издание на списанието „Кинопис“ бр.59-60 и дискусија на тема „Кинопис досега и отсега“ со уредникот и дел од авторите на списанието, во Кинотека денеска ќе се одбележи неговиот јубилеен 60. број.

Се работи за списанието „Кинопис – периодичното списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности“ – кое излегува, единечно или како двоброј, еднаш до двапати годишно.

Првиот број на „Списанието за историја и култура на филмот и другите уметности Кинопис“ е објавен во 1989 година.

Списанието е природен наследник на кинотечниот магазин „Кинотечен месечник“ (кој излегува од 1977 до 1987 година), чии изданија во македонската филмска историја и теорија имаат статус на своевидни „Филмски тетратки“, по урнекот на легендарниот магазин за филм „Cahiers du Cinéma“ („Филмски тетратки“), основан во 1951 година во Париз: еден од основачите е Андре Базен (André Bazin), филмски критичар и теоретичар со светско реноме, за кого се смета дека имал пресудно влијание во лансирањето на францускиот „нов бран“…

Кон крајот на минатата година од печат излезе и јубилејното издание на списанието „Кинопис“ бр.59-60.