Сопственикот на спорниот бутик на улица „Македонија“ сам ја отстранува дивоградбата

Сопственикот на спорниот бутик кој се наоѓа на улица „Македонија“ денеска почна сам да ја отстранува дивоградбата, соопшти градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на неговата Фејсбук страница.

Тој посочи дека сопственикот започнал со отстранување на објектот, постапувајќи по решение за отстранување на доградба издадено од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар.

„Повторно упатувам апел до сите инвеститори и сопственици на нелегални објекти и доградби, да постапуваат по издадените решенија за самостојно отстранување на објектите. Во спротивно, општината присилно ќе ги отстрани, со што трошоците за отстранувањето ќе паднат на товар на инвеститорите, односно сопствениците на нелегално поставените објекти“, напиша Герасимовски.