Шанса за Центар бара од општината да ги сопре градежните зафати на Водно

Иницијативата Шанса за Центар бара од Општина Центар и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, да ги сопрат сите градежни зафати на Водно.

„Бараме итно да се запрат сите градежни активности на Водно. Да се запре со сечење на шумата на Водно. Се води судски спор ‘Плацови на Водно’, со кој се истражува и преиспитува законитоста па постапките за продажба на земјиштето. Со тоа бараме да не се преземаат никакви активности во подрачјето, сѐ до правосилно завршување на судскиот процес“, се вели во реакцијата на Шанса за Центар.

Сето ова, велат тие, во прилог е на заштита на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, кои се загрозени од сечата на шумата и градењето. Потенцираат дека научно и со анализи е докажано дека шумата на Водно има клучно значење за заштита на Општина Центар од поплави и порои и е круцијална во борбата против загадувањето на воздухот.

„Бараме да се избегнат и големите трошоци за пробивање на исклучително стрмен пристапен пат до локациите на кои се планира градба, а со тоа и да се заштити правото на приватна сопственост на жителите на кои им се планира одземање на делови од дворовите за пробивање на патот“, соопштува иницијативата.

На средбата меѓу претставници на општината и жителите на Водно која се одржа во понеделникот, жителите најавиле тужба и дека ќе бараат времена мерка за запирање на градежните зафати. Според Шанса за Центар, симптоматично е што само неколку часа подоцна, во раните утрнски часови во вторникот инвеститорот со приватно обезбедување почнува да ја оградува парцелата.

„Бараме општината итно, јасно и со конкретни мерки да застане во одбрана на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните“, велат од иницијативата.