Шанса за Центар направи мапа со градежни дозволи во Општина Центар

„Живееш во општина Центар и не знаеш дали сабајле ќе те разбуди багер? Кликни на линкот за да дознаеш“.

Вака иницијативата Шанса за Центар ја презентираше мапата со градежни дозволи во Општина Центар.

Од таму велат дека уште кога ги добиле мандатите во општинскиот Совет, побарале да се направи мапа на издадени и побарани градежни дозволи. Арно ама, велат тие, општинската администрација е зафатена со попаметни работи и немала време им да одговори, а камо ли да ја изработи.

„Бидејќи ние немавме попаметна работа, се фативме за мотика и ја направивме сами! Ни требаа неколку месеци, ама успеавме!“, соопшти иницијативата.

Посочуваат, кога поднеле амандман со барање да се објават овие податоци, им го одбиле. Наводно, велат тие, требало да се провери дали овие податоци смеат да бидат јавно објавени.

„Изгледа уште проверуваат! Ние најдовме дека дел од податоците за градежните дозволи се објавени во Службените гласници на интернет страницата на Општина Центар. Тие локации ги ставивме на мапа. Но тоа не е се! Има уште градежни дозволи кои ги издала општината за кои нема јавна информација. Ова се само дозволите за кои општината не успеала преку пошта да ги извести соседите дека блиску до нив ќе се градат објекти, па морале тоа да го објават јавно во Службениот гласник“, соопшти Шанса за Центар.

Но, за почеток, посочуваат, и тие што ги има се доволни за да прикажат каков систем на информирање за градежните зафати треба да има секоја општина, пред сѐ Општина Центар.

„Ако како граѓани на време дознаеме што се планира да се гради во наше маало, ќе имаме време да реагираме. Така ќе можеме да го намалиме ризикот од корупција (кај народот познато како полнење нивни џебови со наши пари). Повеќе нема да можат така лесно да ги заобиколуваат законите и правилата и да прават неповратна штета во наше маало. Ако постои ваков систем, лесно ќе се забележува и ако некој гради диво. Со вакво информирање ќе овозможиме вклучување на граѓаните и јавноста“, потенцира иницијативата.

Од таму апелираат до граѓаните да кликнат на мапата за да видат каде, за какви објекти и за кои инвеститори годинава, но и претходно, се издадени градежни дозволи.

„Локациите се мапирани од најновите кон постарите, според датумот на Службениот гласник кога се објавени. Тоа што има уште дозволи, за кои ќе дознаеме дури кога ќе почне да никнува нов објект до нас, покажува колку е „таен“ целиот процес и систем за издавање градежни дозволи. Таму ниту граѓаните, ниту општинските советници не смеат да припарат!“, се вели во соопштението на Шанса за Центар.