Шанса за Центар: Дискредитацијата врз советниците за дефокусирање од „багателните“ парцели во Центар

Дискредитацијата која се прави врз советниците на Шанса за Центар е гол обид за прикривање од учеството во матната легализација, продажба, трансформација на „багателни“ парцели од 7 ЕУР во Центар, реагира иницијативата Шанса за Центар.

Според нив, нападите дека Шанса за Центар е против покачување на минималната плата за вработените во јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар се неосновани.

„Градоначалникот Герасимовски, во обид да го покрие срамниот чин на продажба на атрактивно државно земјиште во строгиот Центар на Скопје за само 7 евра по квадрат и атрофираната институционална улога на заштита и одбрана на јавниот интерес, се впушта во дезинформации на јавноста и политички напади против Шанса за Центар околу покачувањето на платите за вработените во ПОЦ“, соопштија од Шанса за Центар.

Имено, велат тие, минималната плата се зголемува по закон и во никој случај не може да бидат против тоа, но законот не предвидува линеарно покачување на останатите плати, и особено не без финансиски план за обезбедување приходи за покривање на покачувањето на платите за останатите вработени.

„Иако мнозинството во Советот на Општина Центар изгласа зголемување на платите за сите вработени во ЈП ПОЦ, остана нејасно дали се обезбедени потребните средства и од каде, дали товарот ќе биде на општината, или се обезбедени дополнитeлни извори на финансирање и нов план и ребаланс. Наш став е дека поддржуваме покачување на платите и дека достоинствени услови на живот се потребни за сите вработени, но да започнеме од најранливите и најпогодените. Изгласаната одлука ќе значи дека ќе треба да се обезбедат дополнителни 7 милиони денари до крајот на годината за ова покачување на ПОЦ. Без приложена систематизација на работни места и финансиски план за изворот за финансирање на покачувањето или за ребаланс по кој јасно ќе се види пренамената и ефектот врз функционирањето и работата на општината, ние не можевме да се изјасниме, но не гласавме против туку остануваме воздржани“, стои меѓу другото во реакцијата на Шанса за Центар.

Инаку, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски завчера обвини дека Шанса за Центар се против донесувањето на минимална плата за вработените во ЈП „Паркинзи на Општина Центар“. Односно, советниците од иницијативата гласале воздржано, додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ не се изјасниле.

Она за што обвинува Шанса за Центар, пак, е тоа дека компанијата на големиот градежен играч Фатмир Етеми, „ЗСФ-КОМ“ успеа да се стекне со сопственост на атрактивни парцели во близина на поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“. Државното земјиште било приватизирано по багателна цена, иако се работи за локација во строгиот центар на главниот град, каде што квадрат се продава и за 2.000 евра, објави „Само прашај“.