Срушена дивоградба на Кале, „Шанса за Центар“ очекува општината да продолжи и со други нелегални објекти

Општина Центар информира дека нивниот Секторот за инспекциски работи, во придружба на градежна механизација, завчера на улицата „Самоилова“ на Кале отстрани нелегално изграден објект на непознат инвеститор.

„Градбата која е отстранета е објект од втора категорија, со димензии 10 метри на 5.5 метри, изграден од армирано бетонска конструкција, на земјиште сопственост на Република Северна Македонија“, соопшти општината.

Од таму посочуваат дека Секторот за инспекциски работи по извршениот вонреден надзор, постапил по Законот за градење и донесе решение за отстранување на објектот, затоа што инвеститорот не поседувал одобрение за градба и останата документација.

„Инвеститорот, согласно членот 142 од Законот за градење, има три дена за сам да постапи по решението. Откако истиот не постапил, Секторот за инспекциски работи присилно го отстрани објектот“, велат од општината.

Општина Центар упатува апел до сите инвеститори и сопственици на нелегални објекти, да постапуваат по издадените решенија за отстранување на објектите. Во спротивно, велат тие, општината присилно ќе ги отстрани, со што трошоците за отстранувањето ќе паднат на товар на инвеститорите, односно сопствениците на нелегално поставените објекти.

По ова, со краток коментар се појавија од иницијативата Шанса за Центар, кои очекуваат дека ова е прва од многуте вакви акции кои ќе следат веднаш по оваа на територија на Општина Центар.

„Упатуваме апел до Општина Центар и надлежните храбро и решително да продолжат со расчистување на дивоградбите во нашата општина“, соопшти иницијативата.