Активистите бараат одговори и реакции за „Треска“, Герасимовски најави расчистување на теренот

По пожарот на „Треска“, Шанса за Центар посочија дека уште пред неколку недели предупредиле дека е можен развој на настаните околу поранешната фабрика со цел да се реши урбанистичкото планирање на подрачјето на начин кој нема да го штити јавниот интерес. За жал, велат тие, развој има, но дури и полош од оној кој го претпоставувале.

„Старите хали повторно горат кога е во ек јавна дискусија за тоа што ќе се случува понатаму со ‘Треска’, а се шират и сомнежи дека пожарите се подметнати. Ги очекуваме надлежните институции, Министерството за внатрешни работи, Противпожарната бригада и Град Скопје детално и брзо да се изјаснат за тврдењата дали последниот пожар е подметнат“, побараа Шанса за центар.

Ги повикаа надлежните институции и Државниот инспекторат за животна средина да утврдат какви материи се чуваат во кругот на поранешната фабрика и дали претставуваат опасност за избувнување на пожари или за здравјето на луѓето кои живеат во околината на „Треска“, па и во целата општина.

„Бараме институциите да ја информираат јавноста дали сопствениците на објектите и на земјиштето имаат обврска да го расчистат отпадниот материјал од нивните имоти со цел да се намали опасноста за граѓаните“, посочија тие.

Шанса за Центар смета дека одолговлекувањето на постапката за носење нов урбанистички план за подрачјето на „Треска“, придонесува за продолжување на неизвесноста и ја зголемува можноста за нови несакани случувања.

„Бараме општината да не тактизира со објавувањето на конкурсните решенија, туку во согласност со одлуката на Советот да организира јавна презентација на трудовите со кои се нуди поквалитетно решение за подрачјето и подобри услови за достоинствен живот на сегашните и идните жители“, побараа од Шанса за Центар.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски најави дека ќе иницира итно расчитување на теренот во поранешната фабрика „Треска“. Според неговите информации, во „Треска“ има 35.000 до 40.000 метри квадаратни азбестен кров. Во пожарот, рече тој, беше зафатен и кровот, а вчера сѐ уште паѓаа азбестните плочи.

„Искрено, јас после долго време, вчера првпат влегов и тоа што го видов можеме да го споредиме со Чернобил. Значи многу шут, азбестни кровови, жителите споделуваа дека таму има и животни и глувци големи како мачки, затоа моја препорака е дека земјиштето побрзо треба да се расчисти“, рече Герасимовски.

Според градоначалникот, Општина Центар досега има пристигнато 28 барања за отстранување на објекти, но за начинот за нивно отстранување, градоначалникот најавува дека ќе побара и институционална помош.

„Самите сопственици ќе треба да ги отстранат објектите, но ќе направиме увид какви материјали има и колку се штетни, по што ќе дадеме насоки на кој начин тоа треба да се направи. Нема да дозволиме да има недозволено вадење на штетните материјали од „Треска“, изјави Герасимовски.

Тој вчера ги коментираше информациите за наводно подметнување на пожар. Според него, сѐ уште не беше направен увид поради небезбедност на теренот. Во однос на новите градби во „Треска“, Герасимовски рече дека како општина не можат да ги сопрат, но дека тие мора да бидат во согласност со јавниот интерес на граѓаните.

Активистите од „02 Иницијатива“ денеска реагираа дека сите што биле надвор додека гореа азбестни кровови во „Треска“, биле изложени на азбестни влакна кои педизвикуваат бројни респираторни проблеми, се канцерогени и предизвикуваат рак на белите дробови.

„Азбестот е на листата на опасен отпад“, реагираат „О2 Иницијатива“.

Од таму потенцираат дека немаше јавно предупредување за тргање од улиците и парковите и затворање на прозорите дома, додека азбестниве влакна си патуваа низ воздухот кој сите го вдишуваме.

„Загрозено беше и сè уште е здравјето на секој жител на Скопје, особено на тие од Центар, Карпош и Ѓорче, поради ветерот. Азбестните влакна остануват вo воздухот 48-72ч, значи два до три дена, пред да паднат на земја“, забележуваат тие.

„02 Иницијатива“ прашува кога азбестниве покриви и изолации ќе се отсранат од градов на безбеден начин и нема да чекаме пожари или несоодветни рушења на објекти кои нè изложуваат на канцерогениот опасен отпад, азбест?

„Кој ќе ги обештети граѓаните кои се изнадишаа азбестни влакна? Кој ќе е одговорен што немаше предупредување за граѓаните да се тргнат од надворешниот простор и ги затворат прозорите?“, прашуваат тие.