„Сон, Верба, Љубов“ – концерт на Дуке Бојаџиев и Македонската филхармонија

Во очи на Денот на вљубените, на 13 февруари (петок) во Македонската опера и балет во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт заедно со истакнатиот македонски композитор и пијанист Дуке Бојаџиев.

Овој најнов проект на Бојаџиев, уметникот кој веќе долги години живее и твори во центарот на светската култура, Њуjорк, носи наслов „Сон, Верба, Љубов“, а ќе биде изведен под диригентската палка на маестро Борјан Цанев. Гости на концертот се вокалот Крсте Роџевски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистот Матијас Кунцли, кои исто така живеат и творат во Њујорк, а кои се јавуваат како редовни гости на албумските, филмските и концертните изданија на Дуке Бојаџиев. Настанот ќе го води, во улога на наратор, македонскиот актер Васил Зафирчев.

„Сон, Верба, Љубов“ во себе ја инкорпорира музиката која што Дуке Бојаџиев ја создаде за филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, потоа композиции од неговиот албум „Љубовта е патот“, како и нови, досега неизведени творби кои премиерно ќе прозвучат заедно со оркестарот на Македонската филхармонија. Вклучувајќи ги и аранжманите и изведбата, проектот може да се опише како вкусен спој на филмска, класична и изворна музика, и во него силно се чувствува поднебјето на авторот, односно духот на македонската традиција. Покрај македонскиот традиционален звук, музиката на Бојаџиев опфаќа фолклорни елементи и од турската, ромската и албанската музика, кои авторот ги соединува во една автентична целина со современ пристап, и со тоа влијае на фузионирање на културното богатство на сите народности што живеат во Македонија. Дел од композициите се збогатени со суфистичката поезија на големиот поет и филозоф од 13.век, Џелалудин Мевљана Руми.

Проектот „Сон, Верба, Љубов“ ќе заживее и на ексклузивен материјал, во форма на видео запис (ДВД) и аудио (ЦД) издание, со што ќе понуди можност за претставување на македонската авторска и традиционална музика и во светски рамки.