Собранието едногласно го ратификуваше Договорот за членство во НАТО

Со 114 гласа „за“ Собранието на С. Македонија го изгласа Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, со кое земјава ја потврди волјата за пристапување кон НАТО Алијансата.

Со овој Договор, С. Македонија формално ја исполни постапката за членство во НАТО, која ќе има одложено дејство додека и шпанскиот парламент, како последна држава, не го ратификува Протоколот за влезот на земјава како 30-та членка во Алијансата.

На свечената седница, пред пратениците се обратија претседателот Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и претставници на парламентарните групи.

По ратификацијата, пред Собранието ќе биде подигнато знамето на НАТО.

Меѓу повиканите гости беа лидерите на сите политички партии, претседателите на највисоките судски институции, членови на дипломатскиот кор, потоа високи претставници од парламентите на повеќе земји од регионот и висок претставник на НАТО.