Со младинско претприемништво може да се намали невработеноста кај младите

Невработеноста кај младите е меѓу клучните предизвици во Македонија, а една од можностите за намалување на невработеноста е инвестирање во развој на младинското претприемништво.

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) посочува дека со цел младите полесно да можат да основаат своја компанија, активно се залагале за намалување на основниот влог за трговските друштва.

„Во 2021 година, нашите заложби вродија со плод и беше воведено поедноставено друштво со ограничена одговорност, што секој може да го основа со влог од само 1 евро“, велат од НМСМ.

Сепак, за намалување на младинската невработеност, потребно е да се воведе и моделот на младинска компанија во домашното законодавство. Исто така, дополнуваат од НМСМ, треба да се обезбеди и финасиска поддршка за младински бизниси, олеснување и ослободување од даноци на младите претприемачи, но и да се градат капацитети за младите за водење успешен бизнис.

„Најголем дел од работите (обврските за исполнување) се однесуваат на националните институции. Дел се однесуваат на целата донаторска заедница, бидејќи финансиска поддршка за младински бизниси можат да дадат и тие. Во делот на образованието, поголем дел е на организациите, но доста голем дел и на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, средните стручни училишта…“, посочува Маријана Ангелова, генерален секретар на НМСМ.

Во однос на прашањето што го кочи развојот на младинското претприемништво и свој бизнис, таа вели дека младите се жалат на разни проблеми, а еден е комплицираните административни постапки.

Според неа, постапките изгледаат комплицирано за некој што не ги знае, така што делот од вината е и во немањето претприемачко образование.

„На пример во Албанија, организацијата ‘Џуниор ачивмент‘ соработува со нивното Министерство за образование и на програмата за ученички компании, која де факто е за претприемачко учество по принципот ‘учење преку работење’. Таа се имплементира како изборен предмет во средни стручни училишта. Кај нас, ‘Џуниор ачивмент Македонија’ е релативно помлада организација, но имаат соработка со Центарот за стручно образование. Имаат некои напори за пилотирање на ученички компании во неколку училишта во Македонија, но не во сите. Она претприемништво што порано ние го учевме, застареното, не се покажа како успешен модел, така што дефинитивно мора да се менува“, нагласува Ангелова.

Меѓу останатите кочници за претприемништво што ги навеле младите е дека немаат финансиска поддршка. Потребни им се олеснувања, пример кредити со грејс период, кредити со помали каматни стапки, но и поддршка во вмрежување со други сродни бизниси.

Бојан Шашевски