Со еко-моливчиња министерствата сакаат да ја подигнат свеста за животната средина кај првачињата

Преку делење еколошки моливчиња на првачињата од ОУ „Аврам Писевски“, Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, министерот за образование и наука Арбер Адеми и градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев  испратија симболична порака дека подигнување на свеста за животната средина најдобро може да се постигне преку воспитно образовниот процес.

Макрадули пред учениците напоменал дека еко-моливчињата носат семиња од различни градинарски растенија и објаснил како тие можат да се засадат откако ќе се потрошат и како ученикот ќе може да ужива во одгледувањето и негувањето на растението кое ќе се развива од семето.

„Ова е типичен пример за засадување и чување на иднината и се надевам ќе следат и други и содржини и еколошки акции со кои заедно со Министерството за образование ќе настапиме пред најмладите“, изјави Макрадули.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираа дека училиштето „Аврам Писевски“ не е случајно избрано, бидејќи минатата училишна година било шампион во собирање на пластичен отпад и дека претставува добар пример како од најрана возраст се учи како се штити и чува планетата.