Шестмина млади наградени за најдобри дела на тема „Органодонорство“

Професионалните дизајнери Ана Тасева, Гоце Велески и Воскресија Андреевска, и средношколците Амра Седиковиќ, Давид Манасијевиќ и Адријана Мирчевка, се шесте автори, креативци кои ги добија наградите за најдобри решенија на Повиците за визуелни дела за дизајнери и за средношколци на тема трансплантација и органодонорство.

Вчеравечер, во Зелената оаза во Ист гејт им беа доделени наградите за креативниот влог кој, како што велат организаторите од проектот Поддршка на системот за трансплантација допрва има за цел да поттикнува отворено размислување и разговор за значењето на органодонорството.

„Од над 120 дела пристигнати на конкурсот, 20 внимателно избрани уметнички дела нудат единствена перспектива на приказната за органодонорство и трансплантација, истражувајќи ги темите на надежта, издржливоста и убавината на давањето. Сите дела се извонреден приказ на креативност и сочувство што го слави длабокото влијание на донирањето органи и трансплантацијата. Со дела од искусни дизајнери и од ветувачки таленти, оваа изложба е доказ за моќта на уметноста да инспирира промени“, велат организаторите.

За најдобрите решенија и за делата кои беа дел од изложбата, одлучуваше петчлено жири кое го сочинуваа ликовната уметница Дита Старова Ќерими, дизајнерот Зоран Кардула, фотографот Томислав Георгиев, Националната координаторка за трансплантација Маја Мојсова Мијовска и психологот Радмила Живановиќ.

Во своето образложение жирито посочи дека пристигнатите дела, манифестираат голема посветеност на авторите, без разлика на нивната возраст и професионален бекграунд.

„Извонреден приказ на креативност и сочувство што го слави длабокото влијание на донирањето органи и трансплантацијата. Со дела од искусни дизајнери и од ветувачки таленти, оваа изложба е доказ за моќта на уметноста да инспирира промени. Од над 120 дела пристигнати на конкурсот, 15 внимателно избрани уметнички дела нудат единствена перспектива на приказната за органодонорство и трансплантација, истражувајќи ги темите на надежта, издржливоста и убавината на давањето. Авторите креирале дела полни со надеж и со асоцијации за поинаква, посветла иднина. Во едно брзо време на живеење, навистина дале значаен придонес во комуникацијата на една ваква осетлива тема“, стои во описот за изложбените дела на авторите.