„Станица Скопје 63“ – Изложба на Сашо Димоски во КИЦ

Триесеттина црно-бели фотографии ја сочинуваат изложбата „Станица Скопје 63“ на Сашо Димоски, која ќе биде отворена на 26 јули во Културно информативниот центар (КИЦ).

Со почеиток во 21 часот, изложбата ќе биде отворена по повод шеесетгодишнината земјотресот што го погоди Скопје.  Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 15 август.

Организаторите посочуваат дека на фотографиите на Димоски се застапени објекти или простори лесно препознатливи и парадигматски за денешно Скопје.

„Скопје, пак, некако судбински има долга, повторлива и мачна историја на катаклизмични настани – и оние предизвикани од природата (чуми, земјотреси и поплави), и оние предизвикани од човечка рака.
Иако оваа изложба е наменска, со неа авторот всушност ја продолжува својата долгогодишна творечка преокупација со просторите и објектите проектирани и изградени во периодот на социјализмот“, велат од КИЦ.

Оттаму додаваат дека критиката на лошата љубовно-омразна врска меѓу политичарите и архитектите повторно се филтрира во фотографиите, во секоја од скопските приказни.

Сашо Димоски е роден во 1965 година во Охрид. Се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал и магистрирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во Македонската телевизија и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и магазинот „Глобус“. Од 2007 година бил и фотограф на археолошки истражувања, а свои фотографии и текстови објавувал и во електронското списание „Блесок“. Бил уредник на Галерија Блесок.