Отворање на фотографската изложба „Stolen moments“ утре во КИЦ

Новата самостојна изложба на фотографот Виктор Соколовски насловена „Stolen moments“ ќе биде отворена утре (25 април) во Културно-информативниот центар во Скопје со почеток во 20 часот.

Станува збор за деветтата изложба на Соколовски со која ќе претстави серија портретни фотографии од концерти. Фотографиите ќе бидат поставени во салата Импријал 2.

„Соколовски е пасиониран љубител на музиката и фотограф што со децении фотографира на ‘Скопскиот џез-фестивал’, ‘ОФФест’ и на слични музички и културни манифестации во земјава и регионот. Станува збор за огромен број фотографии – најчесто портрети на музичари, напревени за време на концертите на кои присуствувал како гледач, но и како фотограф дописник, за еден од најреномираните портали за култура во регионот – SEECULT од Белград“, се вели во најавата.

Авторот е добитник на неколку награди за фотографија, меѓу кои и специјалната наградата на жирито од програмата „Македонија без дискриминација“ за фото-приказна на тема „Еднакви можности и (НЕ) дискриминација и трета награда од Фотосојузот на Македонија за колекцијата „Генеза“.

Изложбата ќе биде отворена до 13 мај оваа година.