Отворање на групната изложба „Проект 4“ во КИЦ вечерва во 20 часот

Со почеток во 20 часот, вечерва (5 јули) во Културно-информативниот центар Скопје се отвора групната изложба „Проект 4“ од ликовните уметници од Србија Татјана Армуш, Данијела Тасиќ Цветковиќ, Мила Алексиќ и Татјана Димитријевиќ.

„Проектот 4 не постои. Просторот во кој е родена идеjата, поставката на Проектот 4, во еден момент поседуваше димензии во рамките на кои се наоѓаше сè, воедно и временската димензија во која, надвор од сето тоа, ништо не постои. Оваа четворка може и во повеќедимензионалниот систем, не ограничена повеќе со времето и просторот, да преземе некои нови облици, преку реализацијата на почетокот на едно ново заедништво, обидувајќи се да го пренебрегне сето она време што постои како вакуум зад сите нас. Минувајќи низ магловити предели, над плавите хоризонти, водена со колоритни патишта во црно бели констатации, оваа поставка претставува постоење на различни патишта до исти сознанија: дека само движењето е живот, движењето не како инерција туку како свесно вложен напор спрема сознавањето на светот околу себе и во себе“, се посочува во најавата за настанот.

„Со оваа поставка во новиот простор, со димензија на времето кое во себе ги содржи сите потенцијални енергии за реализација на скоковите, преку и покрај наметнатите пониски енергетски битствувања, Проектот 4 не постои како фиксна, непроменлива детерминанта, туку го започнува својот пат на излез од зададените ни форми“, се додава во најавата.

Групната изложба ќе биде отворена до 23 јули.