Изложба на графики, цртежи и колажи од Слободан Радојковиќ во КИЦ

Со почеток во 20 часот, утре (21 јуни) во Културно-информативниот центар (КИЦ) Скопје ќе биде отворена изложба на графики, цртежи и колажи од Слободан Радојковиќ. Изложбата ќе биде отворена до 4 јули.

„На прв поглед станува збор за три различни наративи, циклуси, со кои Радојковиќ ѝ се представува на ликовната публика. Но тоа е привид, зашто сите три циклуси (Лулиња и чешли, Колиби и дождови, Мрежи), без оглед што се создавани во различни временски периоди, тие се тесно поврзани со потребата на Радојковиќ да ја надмине конечната форма и визуелната представа, при тоа ослободувајќи се од стварноста и преминувајќи во состојба на оностраното-на нешто што е повеќе од слика по себе, што преминува во метафора со која се напушта она што се гледа, и она што е вообичаен тек на нештата“, стои во најавата за настанот.

Радојковиќ е роден во 1967 во Ниш, Србија. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје во 1992 година. Завршил постдипломски на ФЛУ во Белград, а на истиот факултет докторирал во 2016 година. Работи како професор по графика на ФЛУ Ниш, Србија. Има реализирано 25 самостојни изложби, а од 1993 учествува на повеќе од 350 групни изложби низ целиот свет.