Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

Социјалното претприемништво може да ја промени иднината на младите

„Во 1989, јас и сопругот Томаш Садовски, кога дојде до колапс на комунистичкиот систем и многу луѓе останаа без работа одлучивме дека на Полска и се потребни нови можности. Така се роди идејата за започнување нов живот, ние да се преселиме во напуштен објект заедно со нашите две мали деца и триесетмина поранешни зависници од дроги, за да му покажеме на општеството дека и овие луѓе што не добиваа шанса да се вработат на пазарот на трудот – можат да придонесат за социјален импакт и да работат за постигнување на социјална цел“, сподели Барбара Садовска, основачка на „Барка“ воедно и експертка за социјално претприемништво на брифингот за новинари за проектот „Поддршка за социјалните претпријатија“.

„Средношколците и професорите да бидат пријатели пред сѐ“ – пет години „ОрцеTalks“

Тематски дискусии, дебати, средношколски разговори за да се поттикне критичко размислување кај учениците, слободно изразување на мислење и аргументација на ставови за теми надвор од формалното образование се главните активности на средношколската организацијата „ОрцеTalks“. Тие во саботата прославија пет години од формирањето со музика, храна и добро друштво.

[Фото] „Еволуција“ – изложба на фотографии од автентични маски на Абориџините

Во мултимедијалниот објект „Мала станица“ се отвори изложбата на фотографии „Еволуција“ што ги претстави автентичните изработки на маски од жителите на групата острови Зенад Кес што се наоѓаат во Торесовиот теснец меѓу Австралија и Папуа Нова Гвинеја.

УСС УКИМ ќе бара конфискуваната Бела палата да биде пренаменета во студентски дом

Универзитетското студентско собрание (УСС) УКИМ ќе бара конфискуваното седиште на партијата ВМРО-ДПМНЕ, т.н. „Бела палата“ да биде пренаменета во студентски дом.

Според УСС УКИМ на студентите им припаѓа луксузот во кој, како што велат, политичарите досега незаслужено уживаa.

#РаскажиМи: „Учебната година има два краја“ од Тања Аждаја

Овој пат во рубриката #РаскажиМи, го објавуваме расказот „Учебната година има два краја“ од Тања Аждаја.

Тања (Павлеска) Аждаја е родена 1985 година во Штип. Пораснала во Берово, дораснала во Скопје, а веќе 13 години живее во Љубљана. По професија е електроинженер и работи како истражувач на Институтот Јожеф Стефан.

Како книжевен автор има објавено неколку дела: книгата со игри на зборови “Гајле cinema” (2019) и (заедно со Димитар Џо Брадестиот) илустрираната книга игри на зборови “Сеир и ништо” (2019) – двете во издание на Темплум, како и збирката поезија “Зборка” (2022) во издание на Сивејан.