Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

Загадувањето во Лисиче намалено за 10 пати откако се смени начинот на греење во 129 домови, покажаа резултати на проект


Куќата на Марија Николовска во скопската Општина Аеродром минатата година беше реновирана со заменување на фасада што сега има термоизолација, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Градот Скопје“ на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), на куќата беше ставен и нов кров.

Нејзиниот дом е еден од 129 домаќинства во населбата Лисиче каде во склоп на проектот се спроведени мерки и активности за поставување на нови енергетско-ефикасни грејни уреди. Резултатите од мерните станици кои биле поставени дополнително, а до кои дошол тимот истражувачи, покажуваат дека нивото на ПМ 2.5 честички сега е намалено за околу 10 пати.

      2. [Видео] #ФЕМуабети – Како да се зборува за феминизам

„Живееме во капитализам, неговата моќ се чини неизбежна – но во минатите времиња, неизбежна се чинела и боженствената моќ на кралевите. Луѓето можат да ѝ се спротистават на секоја човечка моќ и да ја променат. Отпорот и промените често започнуваат во уметноста“ – Урсула Ле Гвин.

Зборовите се пренесуваат и во најразлични форми, романи, раскази, поезија, драми, и анонимни сведоштва.

Во 2020 се одржа премиерата на „Мојот маж“, претстава по збирката раскази на Румена Бужаровска, а во 2021 се одржа и премиерата на претставата „Работи за кои не зборуваме“, базирана на анонимни сведоштва.

И во двете претстави, во режија на Нела Витошевиќ, преку зборовите се бара промена од досегашните болки, трауми и срамови во нашето современо, но сепак традиционално општество.

Заедничко и за двете претстави е тоа што во нив се испреплетува и феминистичката нишка, но и дел од актерската екипа.

Во оваа епизода од #ФЕМуабети ни гостува актерка која глумеше во двете претстави – Сара Климоска, а со неа откриваме како да се зборува за феминизам.

      3. Артемис Фаул: Умри машки со самовили

Артемис Фаул е една од првите книги кои си ги набавив на скопскиот саем на книгата. Тоа беше пред околу 18-20 години. Тогаш на саемот имавме точно две и пол полни хали на Скопски Саем, а покрај штандови на македонски издавачи, имаше и штандови на многу издавачи од Балканот, пред се од Србија и Хрватска. Вообичаено пред саем се прави мал или голем список на книги кои сакаш да ги земеш, па така беше и мојот случај. Но на крај секогаш се одлучував за наслови кои не ми беа на список за набавка.

Сакав да земам нешто од Тери Прачет, па логично беше во тоа време да се најдат книги од Прачет на штандот на белградска Лагуна (најголемиот издавач од Србија) кои преведоа преку 20 книги од Дисксветот на Прачет. Но наместо да одберам книги од Дисксвет, до Прачет стоеја копии со наслов Артемис Фаул, а на задната корица во центарот пишува: „Ова е како Умри машки со самовили“.

Во тој момент е малку чудно да го замислиш Вилисовиот Џон Мек Кејн како пука кон самовили, но самата реченица буквално побуди голем интерес кај мене за самата премиса, па конечно одлучив да го ставам Артемис Фаул во мојата книжевна колекција, пишува Марјан Болтевски во рубриката #Поларис.

      4. [Фото] Околу 100 средношколци се запознаа со работата на Радио МОФ

Поделени во неколку групи, околу 100 средношколци од различни училишта од Македонија  го посетија и одблиску се запознаа со работата на Радио МОФ.

Средношколците во текот на „Медиумскиот ден“ заедно со соучениците дознаа како се „пече“ новинарскиот производ, како се прават вести, прилози, анализи, подкасти и разни мултимедијални содржини за млади, препознатливи за Радио МОФ.

Понатаму, младите слушнаа за тоа зошто е важно новинарите да бидат објективни и одговорни кон јавностa, но и како е да се работи по етичките и професионални принципи на Кодексот на новинарите.

Освен што имаа можност да чујат за историјатот на медиумот и ги видат просториите, некои од средношколците се испробаа и како водители во радиото.

      5. [Видео] Инстант вести 2.9

Заедно со студентите и есента, стигна и новото, деветто издание на #ИнстантВести.

Во него разговараме со новиот претседател на универзитетското студентскто собрание при УКИМ, ги следиме протестите во Србија и Иран, откриваме како си поминавме на #ENGAGE2022, а одиме и до Стокхолм, Шведска.

Ви ги претставуваме и најновите културни настани и претстојни музички журки што треба да ги посетите, слушаме нова македонска музика и читаме роман создаден со помош на вештачка интелигенција.

Гледајте нова епизода на #ИнстантВести со Михе.