Загадувањето во Лисиче намалено за 10 пати откако се смени начинот на греење во 129 домови, покажаа резултати на проект

Куќата на Марија Николовска во скопската Општина Аеродром минатата година беше реновирана со заменување на фасада што сега има термоизолација, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Градот Скопје“ на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), на куќата беше ставен и нов кров.

Нејзиниот дом е еден од 129 домаќинства во населбата Лисиче каде во склоп на проектот се спроведени мерки и активности за поставување на нови енергетско-ефикасни грејни уреди. Резултатите од мерните станици кои биле поставени дополнително, а до кои дошол тимот истражувачи, покажуваат дека нивото на ПМ 2.5 честички сега е намалено за околу 10 пати.

„Се работеше месец дена бидејќи фасадата требаше да се исуши. Сепак кровот и олуците беа веднаш поставени, а ставија и инвертер клима уред. Веќе една зима ни е многу убаво и топло, јас сум задоволна од резултатите“, раскажува Николовска во чиј дом старата и неенергетски ефикасна печка на дрва беше заменета со инвертер клима уред.

Преку овој проект се поставени вкупно 109 инвертер клими, 5 топлотни пумпи, 37 печки на пелети, санирани се 39 фасади, во 81 објект се ставени нови врати и прозорци, а во 33 објекти имаат поставено изолација на покривот или ставен е нов кров.

Лисиче е првата избрана населба во која се спроведуваше овој пилот-проект поради забележаниот највисок број на штетните ПМ честички. За брзо и детално мерење на загаденоста и квалитетот на воздухот, најпрво во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во целата населба биле поставени мониторинг станици. Паралелно на надворешните, биле извршени и внатрешни мерења на загаденоста на воздухот.

Фото: Куќата на Марија Николовска / Радио МОФ

Според истражувачите вклучени во проектот, грејната сезона има големо влијание врз загадувањето на воздухот, по што значително опаѓа квалитетот. Всушност, резултатите од истражувањето покажуваат дека согорувањето на биомасата на што се греат најголемиот дел од домовите во Лисиче се наоѓа на првото место на скалата за загадувачи на воздухот, а потоа следуваат прашината од градежни активности и сообраќајот. Жителите на Лисиче се свесни за истото, и според нивните кажувања, зимно време секојдневно се дише нечист и задимен воздух.

Сега, преку проектот, во сите домаќинствата во населбата, старите печки на дрва и неефикасни грејни уреди се заменети со нови енергетско-ефикасни уреди како топлотни пумпи, инвертер клими и печки на пелети.

На денешната презентација на резултатите присуствуваа партнерите на проектот, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, претставникот на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Армен Григорјан, градоначалникот на Општина Аеродром, и претставник од Град Скопје, Тимчо Муцунски, како и Ами Ларсон Јаин, шведската амбасадорка во земјава со чија финансиска поддршка беше реализирана програмата.

Фото: Радио МОФ

„Сите сме свесни дека не постои магично стапче што ќе го реши проблемот со загадувањето на воздухот. Важна е поддршката, техничката и академска експертиза што конкретно ни открива што најмногу го загадува воздухот. Во моментов во земјава функционираат сите мерни станици, а со средствата од новиот буџет се набавија уште две нови за во Прилеп и Берово, а годинава ќе инвестираме во нова мерна станица за во Охрид“, изјави министерот Нуредини.

Населбата Лисиче, како што изјавија партнерите на проектот, станува пример за подобрување на квалитетот на воздухот што понатаму може да се спроведе во сите општини во земјата.

Ангела Бошкоска