#РаскажиМи: „Учебната година има два краја“ од Тања Аждаја

Овој пат во рубриката #РаскажиМи, го објавуваме расказот „Учебната година има два краја“ од Тања Аждаја.

Тања (Павлеска) Аждаја е родена 1985 година во Штип. Пораснала во Берово, дораснала во Скопје, а веќе 13 години живее во Љубљана. По професија е електроинженер и работи како истражувач на Институтот Јожеф Стефан.

Како книжевен автор има објавено неколку дела: книгата со игри на зборови “Гајле cinema” (2019) и (заедно со Димитар Џо Брадестиот) илустрираната книга игри на зборови “Сеир и ништо” (2019) – двете во издание на Темплум, како и збирката поезија “Зборка” (2022) во издание на Сивејан.

Нејзините кратки книжевни форми редовно се објавувани на порталот Окно, а мал број се преведени и на хрватски јазик и објавени на порталот Čovjek-časopis. Пишува и поезија за деца, а некои нејзини песни се објавени од Чудна Шума. Во подготовка е и нејзината прва збирка раскази.

Во продолжение прочитајте го расказот „Учебната година има два краја“.

Учебната година има два краја

Крајот на секоја учебна година во беровската осмолетка беше одбележуван со свечена програма за давање на свидетелствата, редици ученици во нови летни облеки расшарани по фудбалското игралиште во училишниот двор и купчиња книги од кои одличните ученици добиваа награда за покажаниот успех.

Крајот на секоја моја учебна година беше одбележуван со одење на ручек во ресторан веднаш по училишната церемонија, со моите и брат ми, со новите свидетелства и книгите во рака. Ручек во ресторан – тоа беше вистинскиот празник – кога ќе дојдеше величествениот келнер и ќе прашаше: „Што ќе порачате?” (мислеше на „Ќебапчиња или вешалица?”) и „Нешто за пиење?” (мислеше на „Црн или жолт сок?”).

Немаше мени, оти сите знаеја што сакаат да јадат и пијат. Набрзо целата трпеза замирисуваше на топло лепче потпечено на скарата на која претходно се печело месото, на ќебапчиња накитени со кромид и буковец, и на Струмка – златно-жолтата газирана убавица од моето детство.

Денес, на рафтовите од едно мало продавниче за македонски производи во Љубљана здогледав Струмка. Не можев да се пробијам брзо низ гужвата во продавницата, а растојанието од мене до рафтот беше околу 25 ќебапчиња. Решив трпеливо да причекам да се расчисти гужвата од училишниот двор пред да тргнам кон ресторанот. После 15-тина минути, Струмка конечно дојде во моите раце: ја земав, ја ставив до лепчето во кошницата и се упатив кон касата од продавницата. „Само жолт сок” – ѝ реков на келнерката. Платив и брзо зачекорив накај дома да се пофалам со старо-новото откритие.

Моите деца не знаат што е тоа Струмка. Кога ја пробаа, и вкусот и мирисот почнаа да им се искачуваат по сетилата додека не ги исполнија со воодушевување – толку големо што добив петка на рачето за одличниот накуп.
Крајот на секое мое пиење Струмка е одбележан со различно свидетелство.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.