#РаскажиМи: Три кратки раскази од Ѓоко Здравески

Овојпат во #РаскажиМи ги читаме трите кратки раскази „Муабети“, „Кариес“ и „Прокрастинација“ од Ѓоко Здравески.

Муабети

Седиме со Минатото на една клупа во паркот и им фрламе леб на гулабите. Минатото цело време нешто ми зборува, уста не затвора. Плус, цело време се повторува, тоапатоа. Плус, Минатото е едно огромно дебело суштество со виснат мев и маица на прерамки. Ја зафаќа речиси целата клупа. Можам само да се правам дека не го забележувам.

Кариес

Од немукает на забот се фатил Кариес. Се опуштил Кариесот, такуѓере од немукаетот наш, па ставил нозе на маса, ко дома да е. Си заседнал чоекот. Дур се свестиме шобеше-какобеше, еден дел од забот веќе го нема. Засекогаш. Ќе појдеме на забар, ќе го тргнеме Кариесот, ќе ставиме пломба, дури и ќе ја замаскираме да личи ко заб да е. Ама, пломбата си е пломба, а забот – заб. Таа само останува да сведочи дека во устата некогаш имало Кариес.

Прокрастинација

Татко ми секоја ноќ го навиваше стариот метален будилник и го оставаше на машината за перење во бањата. Галамата што ја правеше будилникот сабајлината беше далечна и непријатна. И траеше кратко. Веднаш потоа станот живнуваше, се слушаа чекорите, отворањето на вратите, чкрапнувањето на светлото, сѐ уште сонливите разговори.

Денес спијам со телефонот при рака. Ме буди некоја пријатна мелодија, на која можам да ѝ наредам да ме буди на секои пет минути. Денот ми почнува со одложување на стварноста. Обврските секогаш можат да почекаат уште пет минути. Прокрастинацијата подмолно ме чека на излезот од сонот. Ме начекува секојпат сонлив, а некогаш дури и мамурен. Секогаш неподготвен да се соочам со нејзината примамливост. И ме држи така заробен по цели денови, веќе со години.

***

Здравески е роден 1985 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш, како библиотекар, како уредник во издавачките куќи „Бегемот“ и „Темплум“, а како уредник соработувал и со интернет-порталите „Репер“, „Блесок“ и „Окно“.

Од јуни 2014 до јуни 2018, заедно со Ана Голејшка, во „Менада“ ја организирал книжевната ѓурултија „Астални проекции“, а од минатата година (2021) е дел од тимот што го организира Скопскиот поетски фестивал.

Објавил четири книги поезија, сите во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“, „Палиндром со две н“ (2010), „куќичка за птици-преселници“ (2013), „љубавина“ (2016) и „дедикар икарал“ (2017), како и една книга кратки раскази, „Отсечки стварност“ (2019), во издавачката куќа „Бегемот“.

Последниве две години работи како лектор по македонски јазик на Институтот за ориентални јазици и култури (ИНАЛКО) во Париз.

Го прошетал светот, иако никогаш не се запишал на играорна. Нечлен е на Друштвото на писателите на Македонија.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.