#РаскажиМи: „Десеттиот кат“ од Гордана Каракашевска

Овој пат во рубриката #РаскажиМи, го објавуваме расказот „Десеттиот кат“ од Гордана Каракашевска.

Гордана Каракашевска е родена во 1973 година во Пехчево. Објавувала во „Колибри“ и „Лик“ во весникот Нова Македонија. Учесничка е во бројни, домашни и меѓународни натпревари. Живее и работи во Скопје, со исклучок на неколку години од нејзиниот живот кога живела во Торино, Италија.

Пишува песни и раскази на македонски, италијански, српски и на англиски јазик. Нејзините песни се преведени на други јазици и објавени во домашни и меѓународни литературни групи, онлајн списанија како и антологии во печатена и онлајн форма во Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.

Во 2021 година добитничка е на прва награда на конкурсот на НИУ “МИИЦ” Д.О.О Панчево по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март, со две слики, масло на платно, „Кај одиме” и „Бремена жена”.

Застапена е во онлајн антологијата на тема „Корона во време на новогодишните празници“ за кои има освоено трето место.

Досега ги има објавено збирката кратки раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други, ситни зрнца“ (2021), збирката поезија „Скршен поет и други поеми“ (2021) и романот „Разголување – во година на козата“ (2021) за кои наскоро е планирана промоција во Куманово и Пехчево.

Овие три дела, секое од нив посебно, се наградени со втори награди на конкурсот „Подпелистерски ракувања“ на „Дата Песнопој“ – Битола.

Во април 2022 година во издание на „ПНВ Публикации“ излезе од печат нејзината втора стихозбирка „Куќа од Хартија„ чија промоција е закажана за 12 мај во Салон 19 19 во КИЦ.

Имала неколку заеднички и неколку самостојни ликовни изложби во Торино, Италија и во нејзиниот роден град.

Во продолжение прочитајте го расказот „Десеттиот кат“.

Десеттиот кат

Отпрвин не можам да ја видам девојката. Гледам во полумракот надвор, седејќи во овој полумрак внатре. Вообичаена улица со куќи. Човек се потпира на оградата на осветлената тераса на висококатницата од спротивната страна на улицата. Гледам, вратата што води во собата е отворена. Улицата станува посветла додека месечината се искачува сè повисоко и гледам добро осветлена, убава соба со тераса. Го кревам по-гледот и гледам небо затворено од ридови. Еден човек и една жена во мантили, стиснати еден до друг, минуваат по тивката улица. Не знам зошто но, помислувам во себе дека се брачен пар. А, може и да не се.
За мене би било неправедно да кажам дека сум напуштен но, дека сум бил напуштен а, еднаш и ужасно напуштен, тоа е вистина. Напуштен е еднакво на оставен. И во таа смисла имам право да бидам безгранично очаен заради мојата положба.
Тешка, но спасоносна утеха е пишувањето. Да се посматра делото кое се создава, да се гледа како расте додека расте… Како расте со мојата крв на него. Утехата е во чувствувањето на задоволството што го наоѓам во демонстративното прикажување, рецитирање, говорење на мојата поезија со грчевито стиснати тупаници. И на крај, среќа е да се биде заедно со луѓе. Се сеќавам, една многу млада и убава новинарка во едно скорешно интервју за „Културен живот“ ме праша: „Зошто не се самоубивте, не се убивте до сега?“ „Токму затоа“, ѝ одговорив. „Заради среќата да се боде со други луѓе“.
Сè уште не можам да ја видам девојката. Слушам потполно неразбирливи извици. Цели реченици не можам да разберам. Гледам дете на прозорец. Момченце. Додека го гледам помислувам дека реалноста е само илузија. Реалност станува она на кое се фокусираме. И всушност, сè е многу лесно кога човек ќе сфати дека не е тешко. Човек треба да се потруди да си создаде своја сопствена среќа за да може да си ја спаси душата. Човек треба својата кршливост да ја трансформира во убавина. Треба да биде способен за тоа. Не велам дека е лесно туку дека треба и мора. На тој начин човек ќе биде зафатен и ќе нема време да биде тажен. Како јас, на пример, затоа што еве, и по толку многу поминато време откако сопругата, жената на мојот живот, љубовта на мојот живот и мојата вечна муза и непресушна инспирација, ме напушти засекогаш, замина на оној свет.
Одеднаш ја забележувам русата коса на девојката, таа стои од внатрешната страна во аголот на собата. Гледам без да трепнам. Ѝ го забележувам десното рамо и дел од надлактицата, облечена е во зелен џемпер. Зборува со некого… не, можеби се бакнува со некој што јас не можам да го видам. „Љубовта е чувство кое е тешко да се разбере и понекогаш го тера човек да прави чудни и непромислени работи. Љубовта е оган кој се распламтува во душата“, мислам во себе и за миг, за само еден многу мал миг, не ја гледам повеќе. Како во некое исчекување, не трепнувам, не се поместувам. Гледам во улицата, во светлата од спротивната страна. Човекот сè уште се потпира на оградата на осветлената тераса. Сега пуши цигара и гледа долу. Долу нема ништо, само празен тротоар, тврд цемент. Седам во полумракот на мојата дневна соба која истовремено е ѝ спална соба ѝ трпезарија ѝ кујна, значи сè. Најголем дел од времето на едно деноноќие не правам речиси воопшто ништо освен што фотографирам кога ќе помислам дека нешто е доволно интересно за фотографирање, на пример залез со некои драматични бои и многу често, посебно во последно време откако ѝ реков на жената која извесен период доаѓаше да ми помага, да готви, да чисти и да ми помага да легнам во кревет, значи, откако ѝ реков да не доаѓа повеќе а како причина ѝ реков дека ја очекувам наскоро ќерка ми да дојде на гости во посета и извесен период нема да имам потреба од нејзината помош а всушност тоа беше една обична голема лага, мојата ќерка не ја очекував туку на мене не ми се допаѓаше како готвеше помошничката, не можев повеќе да ги голтам нејзините блуткави, еднолични јадења и заради мојата неспособност да бидам искрен но, мислев дека ќе биде многу грубо и некултурно ако ја кажам оваа вистина, затоа ја излажав; значи, откако таа не доаѓа, јас најчесто заспивам во инвалидската количка, секогаш до прозорецот. Порано пишував. Кога бев млад и здрав ѝ сликав но, сè поминува. Сега, во овие години и во оваа ситуација единствена разонода и задоволство ми е набљудувањето на улицата, гледањето во прозорите од спротивната страна. Веќе знам кој кога ќе руча, кој во колку си доаѓа од работа, кога вечера, кога легнува да спие. Чудно како животот на луѓето е сведен на една обична рутина, на една обична навика.
Значи, еве ме овде на единственото место на светот на кое ми е природно да бидам, не знам точно колку е часот но, веројатно е многу доцна, скоро или подобро, поприкладен збор е зборот речиси кој треба овде да го употребам; значи , речиси сите од спротивната страна спијат а, тоа го знам нели, по тоа што светлата се изгаснати, значи собата во која е девојката со зелен џемпер е осветлена и тоа единствено светло ја осветлува вратата која води на терасата на која што сè уште човекот се потпира на оградата. Десетти кат. Знам дека е на десетти кат. Затоа што немам што друго да правам, повторно ги броев катовите од доле нагоре. Фотоапаратот е пред мене. Canon eos 60D со макро објектив кој дава можност за екстремен зум. Тоа е објектив кој има идеална фокусна должина за фотографирање на детали кои треба да се истакнат. Фотографирам со статив користејќи континуирано осветлување. Со игра на светлината, аголот на фотографирање и можностите што ги нуди микрообјективот се обидувам да прикажам обични секојдневија на необичен начин, што резултира со интересни текстури и форми кои и-наку никогаш не би ги забележал. Интересно е како сечие око ги пронаоѓа своите асоцијации со други форми во природата и околината.
Нешто се случило!? Што!? Светлото во собата на десетти кат беше угаснато и човекот што се потпираше на терасата повеќе не беше таму. Помислив дека влегол во соба, ја затворил вратата од терасата и го угаснал светлото. Помислив дека е време ѝ јас да одам на спиење. Но, на тротоарот под терасата на која се потпираше непознатиот, видов тело! Машко тело! Не мрдаше! Не чув ништо. Не се слушна ништо. Ни звук на тап пад. Сите мои прозорци беа затворени. Есен е. Дали тој викнал? Дали пуштил макар ѝ најмал крик? Чекајте!!! Дали скокнал самиот? Се самоубил ли? Или… чекајте! Некој го турнал? Девојката со зелен џемпер или некој друг го турнал од тераса? Зошто би го направиле тоа? Сигурно девојката го турнала од тераса затоа што ако тој се самоубил таа ќе плачеше, ќе побараше помош, ќе беше долу до него, светлото немаше да биде угаснато, вратата немаше да биде затворена. Вака, јас сум сведок дека оваа тишина не е добра. На тротоарот од спротивната страна на улицата лежи мртво тело. Никој не знае. Сите спијат. Но, најстрашно од сè е што јас кој фотографирам сè, немам ниедна фотографија од оваа вечер. Крвта ми надојде во жилите, срцето ми залупа многу силно. „Треба да се јавам во полиција“, помислив и почнав да го барам мобилниот телефон кој сигурно е на масата меѓу старите весници и неизмиените чаши. Конечно го најдов. Рацете ми треперат. Прстите ми се вкочануваат. Кој беше бројот на полиција? Или прво треба на Брза помош да се јавам? По ѓаволите! Кој беше бројот на Брза помош? Мозокот ми е блокиран. Ниеден број не паметам, ништо не знам. Добивам некој голем напад на паника и чувствувам тешка болка во стомакот. Лошо ми е. Не успевам плунката да си ја голтнам. Ја кревам главата. На тротоарот нема тело, нема ништо. Како? „Како е можно“, викам во себе и речиси останувам без здив. Викам на цел глас. Викам и се будам.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.