#РаскажиМи: „Петкамен“ од Нина Насеска

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Петкамен“ од Нина Насеска.

Нина Насеска студира на катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено две книги и тоа збирката поезија и проза „Мозаик од доживувања“ (2014) и романот за деца „Авантурите на Ела Вилсон“ (2018) во издание на Македонска реч. Добитничка е на повеќе награди и признанија.

Во продолжение прочитајте го расказот „Петкамен“.

Петкамен

Секое залче ѝ беше со соодветна големина за детското усте да може да го совлада без да ги надуе обравчињата. Со лажиче ми мачкаше по малку од нејзиниот мармалад од сливи во кој беа густо препржени и напластени сите мириси на вечното лето. Јас зинувам, а таа ме рани со топол поглед најадувајќи се од мојата ситост. И како сите деца, ѕенѕам на столицата, се нишам наваму-натаму, божем побрзо ќе се најадам во движење. А, кога ќе почне дрвото од столицата да крцка и да квичи, таа ќе ми подвикне, да седам мирно, да јадам мирно, оти јадењето немало да ми појде каде што треба.
На трпезариската маса веднаш до ламперијата лежеше учебникот по македонски јазик и две-три тетратки со тесни и широки. Сите учебници ми беа уредно заштитени со разнобојна хартија, за да не ги превиткам или оштетам. На нив горделиво стоеше испишано моето име со невешт детски ракопис кој сè уште учи да пишува. Низ моите рачиња ја префрлав гумата за бришење која одамна ја изгубила формата на маче, па личеше на само едно трдулаво нечисто топче. Баба ми мразеше кога бришам со гумата и оставам сугурци насекаде. Така ги викаше тие малечки остатоци од гумата после бришењето кои се лепеа на секоја тетратка и на секое лакто кое ненамерно ќе се потпреше на масата. А, и моето розово пластично телефонче имаше почесно место на свечената вечера. Веднаш до чашата со млеко.
Со уште недоџвакано залаче, јас веќе бев станата да си ја барам својата следна занимација. Се знаеше што следува по вечерата. Петкамен! Мојата нестпрливост ме тераше да ги отворам и затворам вратничињата во кујната, да ги отворам фиоките, да ги барам насекаде петте скапоцени камчиња. Еднаш, двапати, трипати ги влечев фиоките очекувајќи нешто поразлично во нив. Моите детски руси локни ја пречекаа раката на баба ми која ме погали и ми го насочи погледот кон проѕирното кутиче високо на регалот. Тоа ми беше надвор од дофат, па таа се пресигна и ми го подаде. Се загледав низ проѕирната пластика да ги барам камчињата помеѓу другите петличиња и макарчиња. Пет рапави и снежно бели камчиња затропкаа во нејзините старечки раце.
Двете противнички ги зазедоа своите позиции, на кујнскиот тепих веднаш до трпезариската маса. Петте камчиња беа поставени на куп во средината од замислениот борбен ринг. Ми даде предност. Моите малечки рачиња едвај можеа да ги додржат петте камчиња наеднаш. Ги придржував со двете раце, а таквото отстапување од правилата на игра е дозволено за еден почетник, за една внука. Ги расфрлив четирите камчиња на подот и играта можеше да почне.
Прва рунда. Камчето е во воздух! На трпезариската маса ме послужи турско кафе, средно. Веќе нема да ми порасне опашка. Го отпревртив филџанот врз тацната за да ми гледа. Направив крст со раката врз неговото дно. Со показалецот притиснав во центарот на талогот. Замислив желба. Камчето е во воздух! Локните се исправија. Косата ми порасна, ми потемни. Низ неа лесно поминуваат забците од чешелот. Почнав повторно да ја виткам, па да ја пеглам и плетам. „Како се изучи така да ја врзуваш косата, бабе?“ Камчето е во воздух! На масата натежнуваат дебели книги и учебници. До нив некои безимени тефтери на спирали, листови со дефиниции и скрипти. Пишувам со мастилно пенкало. Камчето е во воздух! Мобилниот телефон има почесно место на трпезариската маса, веднаш до чашата со смути. Екранот постојано трепка. Пораките и повиците звучно пристигнуваат.
Втора рунда. Сега треба четирите камчиња да поминат низ „портата“, онаа порта чии столбови се мојот палец и показалец. Камчето е во воздух! Но баба ми ја нема…

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.