#РаскажиМи: „Додека не е доцна“ од Габриела Стојаноска – Станоеска

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Додека не е доцна“ од авторката Габриела Стојаноска-Станоевска.

Стојановска-Станоевска е од Прилеп.  Таа дипломира и магистрира на Катедрата за oпшта и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Предава македонски јазик во основно училиште и е уредничка на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ во издание на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Ги има објавено збирките раскази: „Гола“ (Арлекин-ГФ, Прилеп 2007) и „ПРИКАЗНИ ЗА КРАТКОСТА – раска(з)(ж)и за своја душа“ (Сигмапрес Скопје, 2019) Авторка е на научната студија: КУСИОТ РАСКАЗ И СОНОТ – компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи“ (Сигмапрес Скопје, 2018) и на збирката „ДРАМИ ( Трудници / Тајни)“ Прилеп, 2020.

Има добиено повеќе награди, меѓу кои прва награда на конкурсот за краток расказ на „Студентски збор“, две први награди на двата конкурса за краток-краток расказ на интернет порталот Окно, откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, трета награда на конкурсот за краток расказ на Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија.

Во 2020 г. за нејзината втора збирка раскази ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“, а добивала и награди за раскази и песни на конкурсите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ – Гостивар, Мариовско-мегленски средби, „Маџирмаалски поетски бранувања“, на конкурсите за краток расказ на Организација на жените – Битола и НУБ „Св. Климент Охридски – Битола“ и други.

Пишува поезија, проза, драма, есеи и рецензии и објавува во повеќе печатени и електронски списанија.

Во продолжение прочитајте го расказот „Додека не е доцна“.

Додека не е доцна

На враќање од работа, пред да си замине дома, помина во куќата на мајка ѝ и татко ѝ. Комплетниот ручек од свежа салата, луто пиперче, главно јадење, нешто за пиење и малку потаму нешто благо, веќе беше поставен на чаршафчето. По неа влегуваше единствено топлата супа со лимонче. Само да се измие раце и да седне. Додека со потпојасно раскопчано уживање си крцкаше од аладиновата трпеза и шлапкаше, ја слушаше мајка ѝ како надолго и нашироко ѝ го раскажува ништото што им се случило изминатите денови од викендот и истовремено гледаше телевизија со татко ѝ повремено дофрлајќи понекој коментар со полна уста. Кога се најаде, ох, кога се прејаде, тие ја слушаа неа, за на работа, за дома, за другарките… Се смешкаа, креваа веѓи, ццкаа, и задолжително паѓаше по некој незадолжителен совет, од здравство до меѓучовечки односи, од сите области, зависи кој во моментот им се чини најважен. На крајот од посетата, стана, се наведна над нив и ги бакна во образ двајцата, а потоа, на нивно изненадување, им го намести својот образ малку поднадуен пред нивните усни:
– Од денеска, секогаш кога ќе си одам, ќе ве бакнувам и вие ќе ме бакнувате – рече и повторно го наду максимално десниот образ, како за звучно пукање по дупење на „балонот“ со показалец, како да има пет и ја играат омилената.
– Шо е? Да не умираме? – се пошегува, тро на смеа, тро на вистина, но очевидно многу задоволен, болниот ѝ татко и ја бакна.
„Не!“ провна таа низ насмевка. И уште еден бакнеж ѝ го пукна левиот образ. Додека ја симнуваше по надворешните скали под пространата синевина благодарноста што се живи, си доодговори во ум: така јас ќе умрам посреќна.