[Фото] „Еволуција“ – изложба на фотографии од автентични маски на Абориџините

Во мултимедијалниот објект „Мала станица“ вчера се отвори изложбата на фотографии „Еволуција“ што ги претстави автентичните изработки на маски од жителите на групата острови Зенад Кес што се наоѓаат во Торесовиот теснец меѓу Австралија и Папуа Нова Гвинеја.

Населението на овие острови е со меланезиско потекло и освен што зборува два јазика – Мериам Мир и Калав Кавав Ја, маневрира со уметноста на создавање специфични маски. Изработките иако имаат традиционално и ритуално потекло денес тоа е начин да се оживее таа уметност и култура и да се претстави вештината на домородното население.

Карактеристично е што австралискиот домороден народ нема сопствени пишани јазици, но користи културни медиуми, како што се уметничките дела, раскажување приказни, танцови, песни со цел да ја зачуваат нивната култура.

Маските се прават од оклоп од желки и кокосови влакна, школки, трева, пердуви. Тие се користат како облека за на глава и се користат за вршење на одредени ритуали како собирање на жетва или за време на церемонија во сезона на различен ветар како што е северозападниот (сезона на монсуните), а некои од нив покажуваат одредено значење како влијанието на мултикултурализмот. Исто така, на маските се претставени традиционални симболи што имаат важна улога во процесот на пренесување на културата.

 

„Луѓето што живеат на 270 острови во Торесовиот теснец се етички, културно и лингвистички различни од другите австралијци што живеат на копно. Изложбата ја истражува богатата и континуирана практика на правење и носење маски што воедно е една од најкарактеристичните традиции во регионот. Домородната уметност е единствена, ја отсликува античката култура на народот, пејзажите и светот во кој живеат“, рече амбасадорот на Австралија во земјава Даниел Џозеф Емери, при својот говор на отворањето на изложбата.

Патувачката меѓународна изложба е создадена од културниот центар Габ Титуи и Националниот Музеј на Австралија, а до Македонија допатува преку соработката на австралиската амбасада со Националниот Музеј на Австралија и австралиското министерство за надворешни работи.

Ангела Бошкоска