Отворање на изложбата „Животи обликувани од вода“

Фотографската изложба „Животи обликувани од вода“ ќе биде отворена во четврток (5 октомври) во галеријата на Културно информативниот центар во Скопје.

Станува збор за дела на фотографи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија.

„’Животи обликувани од вода’ раскажува приказна за непрекинатите врски меѓу луѓето и реките. На фотографиите се забележани моменти крај реките, како и различни гласови и идентитети кои ја откриваат комплексноста на нашиот однос со реките“, се вели во описот.

Отворањето е во 19 часот, а изложбата ќе биде поставена до 15 октомври.

Изложбата е дел од иницијативата „Заедно за реките”, која има цел да заштити повеќе од 400 километри реки во регионот.  Во рамките на оваа иницијатива, организацијата Еко-свест, во соработка со општината Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, започна процедура за повторно прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на демиркаписката клисура и дел од долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.