Шест дена „ОФФ фест“ со свежа и возбудлива програма

Осумнаесеттото издание на OFFest ќе се одржи од 3 до 8 јуни во Скопје. Програмата е свежа и возбудлива, повеќе од кога било.

Организаторот на фестивалот, Оливер Белопета, на денешната прес-конференција, истакна дека годинешната програма е подобра од претходните. Предвидено е секојдневно да има концерти во Македонска опера и балет, Денсинг салата на МКЦ и клубот Епицентар. Ова е досега најдолгата програма, која ќе трае 6 дена.

Фестивалот започнува со извонредното и повеќе пати наградувано виртуозно дуо Catrin Finch & Seckou Keita кое ветува исклучително музичко доживување од највисок светски ранг.

Потоа, македонскиот композитор, гитарист и пејач од Њујорк –Крсте Роџевски првпат настапува во татковината со својот њујоршки ол-стар бенд. Aмбасадорот на инструментот нгони, Bassekou Kouyate од Мали, се враќа во Скопје со својот бенд Ngoni Ba и со новиот, суптилен и носталгичен албум „Miri“. Fatoumata Diawara ја сметаат за најдобра од новата генерација африкански поетеси-пејачки. Таа со својот несомнен талент и шарм ја освои светската музичка сцена последниве неколку години.

Импресивната моќ на Sondorgo од Унгарија, кои докажаа дека се еден од највозбудливите европски бендови, во комбинација со експлозивната енергија на незапирливите Dzambo Agusevi Orchestra, создаваат услови за неминовна „Balkan Fever” журка.

Заводливата аудио-визуелна покана за патување во светот од другата страна на Медитеранот, зад завесата што води директно до Арапските ноќи и другите слични бајки на либанската група Love And Revenge одлично се вклопува во фасцинантниот електро психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори Romperayo.

Конечно, Daddy G од Massive Аttack повикува на танц до доцна во ноќта. Неговите диџеј сетови се еклектични, возбудливи и софистицирани. Како OFFest 2019.

Во склоп на програмата, ќе се одржи и проекција на документарниот филм „Mali Blues” во кино Фросина.

Во продолжение, погледнете ја саатницата и локацијата за секој од концертите.

Објавена програмата на 18. ОФФ-Фест