Шаќири: Продолжува испораката на нови учебници и низа капитални инвестиции

Вчера започна второто полугодие од учебната 2022-2023 година. Со одложен старт од неколку дена, согласно проценката на МОН и на Владата дека така училиштата подобро ќе се подготват за преостанатиот дел од годината, наставата со физичко присуство започна во сите општини и училишни објекти каде се одвиваше и во 2022.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, посочи дека продолжува наставата со физичко присуство, испораката на нови учебници и реализација на низа капитални инвестиции.

Според Шаќири, останува неговата заложба за подобрување на сите аспекти на воспитно – образовниот систем.

„Како клучни приоритети ќе ги наведам процесите за продолжување на тековните и отпочнување на низа нови инфраструктурни инвестиции во општините каде се нотирани најголеми потреби од вложувања, а во над 100 училишта во сите општини ќе се подобри ИТ инфраструктурата и ќе се изградат пристапни рампи. Ќе продолжи испораката на веќе одобрените и набавката на нови учебници за основното и средното образование. За наставниот кадар ќе продолжи процесот на професионален развој, преку тековно спроведување на обуките предвидени во планот за 2023 година, за надградба на нивните знаења и вештини во различните подрачја. Условите за едукација се подобруваат и тоа како најголем интерес на младите, останува да биде наша главна цел“, стои во соопштението на МОН.

Инаку, денеска е Меѓународниот ден на образованието, па Радио МОФ направи анализа со неколку предизвици, меѓу кои и во основното и средно образование што ги споменува Шаќири, кои остануваат како проблем за решавање во 2023 година.

Пет проблеми што остануваат и по денешниот Меѓународен ден на образованието