Матурантите започнаа со полагање на државната матура

Речиси за 16.000 ученици денеска започна полагање на државната матура за учебната 2021-2022 година, како чин на формализација и заокружување на средното образование. Матурантите во Македонија го полагаа првиот од двата предвидени екстерни предмети – мајчин јазик, кој е задолжителен предмет од државната матура, која пак е услов за упис на факултет. Учениците претходно ги полагаа двата интерни предмети и изработуваа проектна задача.

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека проширување има само на листата со интерни предмети за учениците од средното стручно образование поради тоа што годинава се воведени нови образовни профили.

„На сите ученици им посакувам успех и одлични резултати кои ќе бидат потврда на стекнатото знаење за време на четиригодишното средно образование кое понатаму ќе го применуваат при работата на соодветно работно место доколку се одлучат веднаш по средното училиште да се вклучат на пазарот на трудот или пак, ќе им биде добра основа за понатамошна академска надградба“, рече министерот Јетон Шаќири, кој денеска го посети СУГС „Панче Караѓозов“.

Тој изрази очекувања дека полагањето ќе помине во најдобар ред, затоа што, како што истакна „процесот на сите им е добро познат, имајќи предвид дека државната матура се спроведува од 2007 година и секогаш, во секоја учебна година подготвителните активности започнуваат навремено, а учениците се запознаени со тоа што ќе биде материја за полагање“.

„Оваа година, како што знаете имавме период во кој наставата не се реализираше, тоа беше во месец април вкупно 12 наставни денови, поради што нема прашања од материјалот што требаше да се предава во тој период, со што се елиминира ризикот дека некој ученик би можел да биде оштетен“, рече министерот.

Шаќири дополни дека Државниот испитен центар, институција надлежна за спроведување на државната матура, заедно со МОН преку јавна дебата ќе креираат нова концепција за државна матура која треба да предвиди три вида на државна матура, зависно од видот на образование – гимназиско, стручно и уметничко.

Според него, овој процес ќе биде транспарентен и со учество на сите засегнати страни, а првенствено учениците, раководствата и наставниците од средните училишта, експертската јавност и претставници на академската фела.

Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска, рече дека оваа учебна година за државната матура се имаат пријавено точно 15.899 матуранти. Од нив 7.135 од гимназиско образование, 8.504 од средно стручно образование и 260 од средно уметничко образование. Македонски јазик и литература полагаат 11.071 кандидат, албански јазик и литература 4.306, а 313 турски јазик и литература.

Информираше и дека следното полагање е на 13 јуни. Ќе се полага англиски, германски, француски и руски јазик, математика, естетика и филозофија. Англиски јазик пријавени се да полагаат 14.328 матуранти, германски јазик 118, француски јазик 31, руски јазик 10, математика 1.235, филозофија 15 и естетика 100 матуранти.

Резултатите се објавуваат најдоцна 30 дена од последниот екстерен испит, односно до 12 јули.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и околу 2.000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи.