Училишта не споделуваат материјали и прашања за интерните испити за матура, реагира Средношколски сојуз

Училишта одбиваат да ги споделат материјалите за интерните испити и банки на прашања за претстојната матура, реагираат од Сојузот на средношколци.

Тие упатија предупредување до премиерот Зоран Заев, министерката за образование и наука Мила Царовска, како и директоркат на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска дека се прекршува договорот што го постигнаа во февруари.

Според него, училиштата се должни да ги објават материјалите за интерните испити најдоцна три недели пред денот на испитот и тие да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања.

Од Сојузот велат дека оваа точка на договорот е флагрантно прекршена од некои средни училишта во земјата.

„Матурантите го информираа Сојузот дека одредени професори од некои средни училишта изјавиле дека нема да почитуваат одредени точки во договорот постигнат меѓу нас. Ова е неприфатливо. Станува збор за следниве училишта: СОУ „Ѓорче Петров“, СОУ „Орде Чопела“, СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, СОУ „Јосип Броз Тито“ -Битола, СОУ „Др. Јован Калаузи“, СОУ „Св. Клименти Охридски“ – гимназија Охрид, СОУ „Никола Штејн-Тетово“ и СОУ „8-Септември-Тетово“, стои во реакцијата на Сојузот.

Тие бараат надлежните да интервенираат за сите средни училишта истовремено да го почитуваат и спроведуваат договорот.

Радио МОФ испрати прашања до МОН и Бирото за развој на образование за тоа дали се запознаени со овој проблем и каде матураните може да се пожалат ако нивното училиште одбива да ги сподели материјалите за интерните испити, но до објавување на текстот не добивме одговор.

Државната матура ќе започне на 5-ти јуни и на неа ќе се полагаат по два екстерни и интерни предмети.

Овој договор дојде откако Сојузот на средношколци претходно ја бојкотираше наставата. Бојкотот потоа привремено беше прекинат, откако Сојузот достави до Собранието предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средно образование.