Русија ги отстранила геј сцените од биографскиот филм за Елтон Џон

Сцените од љубовни односи на геј мажи и конзумирањето дрога се исечени од руската верзија на биографскиот филм за Елтон Џон, „Рокетмен“, соопштија филмските критичари кои го гледале филмот во Русија.

Филмскиот дистрибутер признал дека се направени одредени измени во согласност со законите во Русија, но без да наведува детали.

„Сите сцени со бакнежи, водење љубов и орален секс помеѓу мажи се отстранети“, напишал на Фејсбук, рускиот филмски критичар, Антон Долин.

Елтон Џон, преку својот Твитер профил, се огради од отстранетите сцени во филмот:

„Оневозможувањето на публиката да го погледне филмот како што е замислен е тажна рефлексија на поделениот свет во кој живееме и како љубовта меѓу две личности може сè уште да биде сурово неприфатлива. Ние веруваме во градење мостови и отворен дијалог и ќе продолжиме да се бориме за рушење на границите додека сите луѓе немаат еднаков глас низ светот“, напиша британскиот музичар.

Филмот „Рокетмен“ кој беше премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Кан, ја следи животната приказна на Елтон Џон, кој е јавно деклариран како геј маж, и за неговата борба со зависноста од дрога и алкохол.

Во Русија од 2013 година на сила е закон со кој се казнува хомосексуална пропаганда чија мета се малолетници. За сега не се знае дали исечените сцени се поради тој закон, кој во Русија ќе биде забранет за лица под 18 години.