Романот „Риба во(н) мрежа“ од Jована Mатевска Aтанасова доби „Пегаз“ за 2023 година

„Риба во(н) мрежа“ од авторката Јована Матевска Атанасова е победник на петтото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2023 година.

Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на победничкиот роман во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“.

За победникот одлучи жирито во состав од Николина Андова Шопова, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2018 година, Ивана Трајаноска, писателка и универзитетска професорка, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.

Од жири-комисијата посочуваат дека „Риба во(н) мрежа“ е тинејџерски роман што третира една современа тема што ги засега најмногу помладите генерации − прекумерната зависност од технологија и предизвикот да се живее без „помошта“ од паметните телефони.

„Раскажувачкиот стил е непретенциозен, забавен, со внимателно дозиран хумор во приказната. Авторката, освен со јазикот, си поигрува и со формата, вметнувајќи графички содржини што треба да симулираат мобилни апликации, икони од интерфејс на мобилни уреди, рачно напишан телефонски именик, цртежи-патокази итн., кои и визуелно го разигруваат текстот и го оживуваат во рацете на читателите“, дополнуваат тие.

Според одлуката, во романот се крие посложена и послоевита приказна, во која освен спротивставувањето на реалниот и виртуелниот свет, пред читателот се открива внатрешниот, емотивен свет на една млада девојка која се соочува со многу предизвици.

Според жирито, „Риба во(н) мрежа“ се приближува до светските трендови за пишување литература за млади и би можел да го поттикне односниот жанр во македонската културна средина и да постави одреден стандард на кој би се надоврзале идните автори на литература за млади.

На годинашниот конкурс за наградата за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 36 ракописи.

Покрај победничкиот роман, жири-комисијата ги разгледа во најтесниот избор и ракописите „Страшни приказни“ од Сузана Камберова, „Неочекувано“ од Ана Мовска (псевдоним) и „Интервенција“ од Игор Рамдедов, за кои наведе дека се издвоиле од мноштвото по оригиналноста на содржината и по стилската изведба.

Јована Матевска Атанасова е родена во 1991 година, во Битола. По професија е дипломиран и лиценциран психолог. Досега објавила пет книги, меѓу кои: романот „Тамбовските снегови“ (2015), е-романот „Писмата во библиотеката“ (2016), кој е дел од наградените книги на Фондацијата „Македоника“ и УНЕСКО за воведување на млади автори во дигиталното издаваштво, психолошкиот прирачник „Јас во суперлаТИв“ (2021); збирката раскази „Гладоморје“ (2021) и збирката раскази „Три во тринаесет“, за која ја доби наградата „Книжевен круг за проза“ за 2022 година, од друштвото на писатели Битолски книжевен круг.