Роџер Вотерс настапи на собир за поддршка на Џулијан Асанж

Роџер Вотерс вчера во Лондон настапи на собирот за поддршка за ослободување на Џулијан Асанж, каде ја изненади публиката и ја изведе песната „Wish You Were Here“.

За време на протестот, кој се одржа пред Mинистерството за внатрешни работи во понеделникот, музичарот се обрати кон публиката велејќи: „Како да се ставиме себеси во позицијата на Џулијан Асанж во самицата, или со детето во Сирија, Палестина или Рохинџа, кое се разнесува на парчиња од овие луѓе во зградата тука“?

Стоејќи зад транспарент, на кој се гледа пораката „Не го екстрадирајте Асанж“, пејачот продолжи да раскажува анегдота за неговиот пријател, кој бил помлад министер во канцеларијата на поранешната премиерка Маргарет Тачер.
Вотерс потоа ја изведе песната „Wish You Were Here“ на Пинк Флојд, која е дел од истоимениот албум објавен во 1975 година.

Во април оваа година, Асанж беше отстранет и уапсен од еквадорската амбасада во Лондон. Амбасадата е местото во кое во последните седум години бараше засолниште за да избегне екстрадиција во Шведска за случајот за сексуален напад, кој потоа беше отфрлен.