Родители ги крпат дотраените училници, учениците од „Димитар Македонски“ и годинава ќе учат во старите бараки

Неколку родители на третооделенци од ОУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, деновиве ја молерисуваа училницата во која за неколку дена ќе учат нивните деца. Ги крпеа дупките, глетуваа, ги боеја дотраените ѕидови на монтажните бараки направени по скопскиот земјотрес.

ПРЕД

ПОТОА

Васил Кировски, родител на третооделенец, изминатата недела, секое попладне го минуваше во училиштето на своите деца.

„Мораше да направиме нешто, овде треба да учат нашите деца“, вели Кировски, револтиран бидејќи и овој септември учениците од Лисиче ќе останат во старите, дотраени бараки, иако на неколку метри од нив стои речиси изградена, нова училишна зграда.

Но, изградбата е сопрена повеќе од една година. Тендерот за нејзино довршување, како што стои во Планот за јавни набавки на Министерството за образование и наука, требаше да биде распишан најдоцна до март. Потоа, од МОН се правдаа дека го чекаат завршувањето на претседателските избори. На 5 мај се оконча и тој процес, но тендер за градежни работи за довршување на основното училиште беше распишан пред само три недели, дури на 12 август.

„Постапката за избор на изведувач е во тек и сите подетални информации се содржани во огласот кој е објавен на Електронскиот систем на бирото за јавни набавки“, велат од МОН, одговорајќи на прашањето кога е планирано учениците да бидат преселени во новата зграда.

Според објавениот тендер, краен рок за доставување понуди е 11 септември, кога и ќе се отвораат понудите. Рокот на важност на понудите е 90 дена, а договорот ќе има времетраење од 16 месеци. Критериум за договор е најниската цена.

Договорот со компанија која претходно го градеше школото беше раскинат поради непочитување на роковите.

„Министерството за образование и наука ја активираше банкарската гаранција на доскорешниот изведувач на градежните работи, поради непочитување на роковите за исполнување на преземените обврски согласно потпишаниот договор и за ненавремено доставување на барање за склучување на анекс на договорот за продолжување на рокот за изведување на работите“, додаваат од МОН.

Не наоѓајќи подобро решение, родителите почнаа сами да ги крпат монтажните бараки. Кој колку може, знае и умее. Како што објаснува Кировски, не само родителите, туку и целиот персонал во училиштето е вклучен во акцијата.

„Но, ова не е решение. Бараките се распаѓаат, страшно е да се учи во вакви услови“, вели родителот.

Ако градењето капитални објекти, како што е случајот со изградна на нова училишна зграда, е работа на Министерството за образование и наука, реновирањето е под надлежност на општината.

„Во текот на летниот период училиштето заедно со Општината го подготвија постојниот објект за новата учебна година. Се молерисаа училници и ѕидовите на ходниците, а се сменија и старите со нови лед светилки. Општината има предвидено средства од сопствениот буџет за редовна санација и тековно одржување на основните училиште“, се вели во одговорот на Општина Аеродром до Радио МОФ.

Кировски, забележува дека изминатот перид се работело на санации во училишните бараки, но како што вели, училницата на неговото дете не била чепната.

„Сами инвестиравме, сами си купивме материјали, сами средувавме“, објаснува родителот, кој е благодарен барем на тоа што од училиштето им дозволиле на непречен влез на родителите.

Кировски додава дека будно следат што се случува со тендерот за доизградба на новата училишна зграда. Ако работите повторно запрат, додава, родителите ќе се организираат за бојкот на наставата и масовни протести.

Се распаѓа училиштето „Димитар Македонски” во Лисиче, во супстандардни услови учат стотици ученици

Јасмина Јакимова