Ќе се бара нова фирма по избори за доизградба на училиштето „Димитар Македонски“ во Лисиче

По претседателските избори ќе се бара нова фирма што ќе работи на доизградба на основното училиште „Димитар Македонски“ во Лисиче. Претходниот изведувач, избран на тендер, не го испочитувал договорот, велат од Министерството за образование и наука за Радио МОФ.

„ Со оглед на тоа што изведувачот на работите не ги испочитува временските рокови за реализација на активностите предвидени со потпишаниот договор ( за година и половина беа реализирани околу 20% од активностите), Министерството за образование и наука ја активираше банкарската гаранција, со што, договорот се смета за раскинат, а тоа значи дека ќе биде пристапено кон спроведување на нова постапка за избор на изведувач, согласно Законот за јавни набавки, кој ќе треба да ги продолжи активностите до целосна изградба на училиштето“, посочуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека постапката за избор на новиот изведувач ќе започне по изборите, откако претходно ќе се направи измена на програмата за изградба и реконструкција на основни училишта.

Се распаѓа училиштето „Димитар Македонски” во Лисиче, во субстандардни услови учат стотици ученици

Најавите за изградба на ново училиште траат цела деценија. Конечно, пред последните локални избори во 2017 година, од Општина Аеродром, на чија територија е училиштето, најавија дека на местото на старите бараки, во две фази, ќе се гради нов модерен објект за 1.000 ученици. Две години подоцна, новиот објект уште се гради, а стотици ученици учат во субстандардни услови, во монтажни бараки изградени по скопскиот земјотрес, како донација од Француската влада.

Ј.Ј.