Се распаѓа училиштето „Димитар Македонски” во Лисиче, во супстандардни услови учат стотици ученици

„Еве во 21 век каде учи моето дете и децата на сите мои пријатели од населба! Ова е училиштето во населба Лисиче, “Димитар Македонски”, кое буквално е пред распад. Децата ни учат во руинирани бараки од пред 50 години, летоска падна кровот во салата (среќа никого не утепа), пред 1 месец имаше и хаварија во библиотеката (среќа и тука никого не утепа полица со книги), двете ВЦ-ња од сликите смрдат на урина и фекалии итн. Претходниот „Крадоначалник“ 2 мандати лажеше дека ќе се гради нова зграда, некаде пред крајот на неговиот втор мандат истата беше почната и така остана во периодот на изборите и година дена после тоа“

Ова е дел од коментарот кој го напиша родителот Васил Кироски на Фејбук, револтиран од условите во кои учат децата од скопската населба Лисиче. На фотографиите кои ги сподели, се гледа дотрајаноста на монтажниот училишниот објект стар повеќе децении.

Најавите за изградба на ново училиште траат со една деценија. Пред последните локални избори во 2017 година, од Општина Аеродром, на чија територија е училиштето, конечно најавија почеток на неговата обнова. Тогаш градоначалник беше Ивица Конески.

„Денеска, 29.7.2017 година, на местото на старите бараки на ОУ „Димитар Македонски“ почна изградба на нов модерен објект во соработка со Министерството за образование и наука.  Според рокот на изградба новото училиште, ќе се гради во две фази, така што околу 1.000 ученици, колку што е капацитетот на новата зграда, ќе можат да посетуваат настава веќе наредната учебна 2018/2019 година“, стои во најавата на официјалната ФБ страница на општината.

Фото: Општина Аеродром, јули, 2017

 

Градоначалникот се смени во октомври 2017 година, па на градоначалничката фотелја седна Златко Марин. Сепак, две години од најавите за почеток на изградба на новото школо, учениците се уште учат во бараките изградени по скопскиот земјотрес, како донација од Француската влада.

„Пред 1 година конечно тргнаа работите, се направи карабина за ново училиште, си реков Зградко Марин и Министерство за Образование се сетија на населбата Лисиче, онаа знаете на само 3 км од центарот на главниот град, и јас (и сите луѓе од населбата што ги знам) бевме пресреќени, конечно децата ќе ни учат во нормално училиште. Арно ама, се дојде до кровот! И тука запна работата. Правење на кров од греди и лим да ти било “mission impossible” во земјава богати! 3 пати досега на кровот се ставаат греди и се вадат, небаре вселенска станица прават таму горе!“, реагира револтираниот родител.

Еве во 21 век каде учи моето дете и децата на сите мои пријатели од населба! Ова е училиштето во населба Лисиче, "…

Posted by Васил Кироски on Thursday, 18 April 2019

До Општина Аеродром испративме прашање за тоа до каде е изградбата на новото училиште и до кога ќе се користи стариот објект, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

ООУ „Димитар Македонски” сместено на ул. „Ѓуро Малешевац“ бр.2 во населба Лисиче, општина Аеродром- Скопје. Во училиштето учат 576 ученици. Наставата се изведува на македонски наставен јазик.