Ричард Х Талер со Нобеловата награда за економија за вклучувањето на психологијата во економските одлуки

Американскиот економист, Ричард Х Талер, еден од основачите на бихејвиористичката економија, е добитник на овогодишната Нобелова награда за економија за неговите проучувања во психологијата на економското носење одлуки.

Талер е професор по бихејвиористички науки и економија на Универзитетот во Чикаго.

„Придонесот на Талер изгради мост помеѓу економските и психолошките анализи на индивидуалното носење одлуки. Неговите практични откритија и теоретски сознанија беа клучни во креирањето на ново поле во бихејвиористичката економија, кое брзо се проширува и имало големо влијание во многу сфери на еконосмските истражувања и политики“, стои во изјавата од Нобеловиот комитет.

ФОТО: Гардијан

Талер добива и парична награда од околу 900 илјади евра.

„Ќе се обидам да ги потрошам колку што е можно најнерационално“, изјавил 72-годишниот економист.

Според Комитетот, Талер објаснил како следниве три човечки карактеристики, влијаат на поединечното носење одлуки, како и однесувањето на пазарот:

Ограничена рационалност: Талер развил теорија на ментално сметање, објаснувајќи како луѓето ги поедноставуваат финансиските одлуки преку правење посебни сметки во нивниот мозок, фокусирајќи се на индивидуалните одлуки, наместо на генералниот ефект.

„Потрошувачот кој открива дека часовникот кој сака да го купи е 100 шведски круни поефтин во друга продавница. Тој оди во другата продавница доколку часовникот чини 1.000 круни, но нема да го направи тоа доколку чини 10.000 круни, иако заштедата е иста. Објаснувањето е дека тој се фокусира на процентот, наместо на вистинската заштеда“, е еден од примерите за оваа теорија.

Социјални преференции: Теоретските и експерименталните истражувања на Талер за праведноста биле влијателни во економската наука. Тој покажал како грижата за праведноста на потрошувачите може да ги спречи компаниите од подигање на цените во периоди кога постои висока побарувачка, но не и во време на високи трошоци. Талер и неговите колеги ја подготвиле „играта на диктатор“, експериментална алатка која била искористена во бројни студии за мерење на однесувањата кон праведноста кај различни групи на луѓе низ светот.

Како пример за ова теоретско истражување се наведува реална ситуација во која ненадејно почнува да врне и тоа создава голема побарувачка на чадори, но доколку продавачот тогаш ја покачи цената за да се совпадне со растот на побарувачката, многу потрошувачи ќе реагираат негативно и ќе чувствуваат дека продавачот е алчен.

Недостаток на само-контрола: Талер, исто така, придонел и за старата обсервација за тешкотиите да се одржат новогодишните ветувања. Тој покажал како да се анализираат проблемите на само-контролата, преку користење на модел на планер, кој е сличен со рамката преку која психолозите и невролозите ја објаснуваат внатрешната тензија помеѓу долгорочните планирања и краткорочните дејствија. Потпаѓањето на краткорочните предизвици е важна причина зошто често пропаѓаат нашите планови да се заштеди во иднина, или одлуките за водење поздрав живот. Во неговите трудови, Талер демонстрирал како со неговата „теорија на писоар“ (Nudge theory) може да се помогне на луѓето да создадат подобра само-контрола кога штедат за пензионирање, како и во други ситуации.

Талер имаше и кратка кариера во Холивуд, со неговото појавување во филмот „The Big Short“, во кој приказната е концентрирана околу причините поради кои се случи големата финансиска криза во САД во 2005 година.