#РаскажиМи: „Откровение на светлината“ од Андреј Анѓеловиќ

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Откровение на светлината“ од Андреј Анѓелковиќ.

Откровение на светлината 

„И видов, кога се крена шестиот печат. И, ете, настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв; ѕвездите, пак, небески паднаа на земјата, како што смоквата, лулана од силен ветар, ги исфрла пупките свои; и небото се оттргна како книга свиткана, и секоја гора и секој остров се поместија од местата свои“ Откровение 6:12,13

Незнајно беше времето, часот, местото кога Ананија го загуби патот во темната шума, во густежот студен. Се тетравеше низ мракот кој загризуваше длабоко во душата, па создаваше чувство на трепет и страв. Не ја познаваше патеката по која чекореше, се движеше низ стеблата кои надвиснуваа од страна и го загушуваа проодот.

Бос и премрзнат се обѕрнуваше, но не можеше да познае никого. Ова ли беше земјата по која проаѓаа пророците и проповедаа за гласот на спасението? Стоеше така, стутулено, пред незнајни соголени стебла и се прашуваше во себе: – „Каде замина сета светлина? Зошто постана мрак кој веќе неколку дни, не го напушташе лицето на земјата“?

Сигурно беше дошол часот кога луѓето не се познаваа веќе меѓусебно и време кога самиот тој не се знаеше. Како да чекаше нешто да постане, но немаше ништо. Како да чекаше нешто да се појави, но немаше никој. Како да чекаше некој глас, но само се слушаше тишина и ништо повеќе. Чекореше бос како сите негови години како трње да се беа насобрале врз неговите стапала, та го поттурнуваа де на едната де на другата страна.

Талкаше така тресејќи се од студот кој сѐ  повеќе ја нагризуваше неговата појава. Местото наликуваше како од библиските градови за кои слушаше за време на служењето во Недела, како славниот Јерихон, но сепак што бараше тука реката Ахерон?

Помина покрај неа и само што се наѕираа од таа заматеност, беа некои потопени ликови кои даваа израз на вресок и јад, наслушна, немаше ништо, продолжуваше тишината. Морници го полазуваа низ телото, а од неговото чело само се забележуваа траги од мраз студената пот. Се чинеше како во тој момент да ги проколнуваше сите свои одминати години и годините кои лежат пред него.

Покрај тополите кои се надвиснуваа над реката се наѕираа деветте земји, деветте кули кои некогаш им беа доделени на незнајни царства. А царовите нејзини немо, заборавени по патот на чистилиштето, пеколот. Тие сега само се уриваа во темнилото. Тука баш зад самите тополи беше соголена до темел една, на изглед мала одаја, која сега не беше ништо повеќе туку една рушевина. А на самите нејзините рушевини, на тие свети темели двајца непознати просјаци беа застанале и се расправаат, та нивниот викот одекнуваше како ехо низ темниот простор.

Ананија застана покрај столбот и забележа нешто бледо кое на моменти засветлуваше во дното на просторијата каде што се расправаа двајцата просјаци. Што беше тоа? Се приближи до наредниот столб и тогаш забележа. Беше тоа сета светлина заробена во кафез кој наликуваше на ништо повеќе, туку на некакво сениште.

Како закл’н златен јагнец таа лежеше гаснејќи и испуштајќи мирис на света смирна. Едниот просјак по име Мамона, а другиот со име Левитијан се раправаа и фрлаа коцка за заробената светлина. Кој од нив дваjца ќе пружи поголема алчност, злато и својот живот само да постане нејзин господар.

Додека вистинскиот господар како што наслушна Ананија го беа потопиле во реката Ахерон. Фрлија коцка и ете постана часот и Левитијан ја доби светлината како свој плен на коцката која што ја беа фрлиле. Ананија како во моментот да го доживуваше својот најголем бол. Во заблуда ли сум? Прелествувам ли? Ананија тресејќи се од студенилото и огорчен од сликата која што ја гледаше им пријде и ги праша: – „Навистина ли е ова што го гледам јас та светлината да стане роб на обичен смртник? Како е тоа можно? Зарем немате страв од господарот нејзин дека ќе ве зароби на вечни маки? Но што доби тој? Никаков одговор. Само едно студено, морничаво демонско смеење кое што ја пробиваше мртвата тишина на мракот.

Ананија застана стаписан од смеењето, додека светлината избледе и се претвори во страшно црнило, бидејќи и постана дел од демонската напаст која што ја присвои, та целото стадо луѓе ги загуби во темнината. Зарем нема никаков јунак да ги прескокне и порази сеништата и да ја одврати возљубената сега мугра? И наеднаш кога веќе Ананија не знаеше за просторот и времето каде што се наоѓаше се зачу силен тап удар на тапан, се зачу некоја далечна труба, а двајцата просјаци кои до пред некој час се слушаа во рушевината, се стопија во црно мастило и се претворија во ликот на најгрозниот ѕвер, на омразениот Сатана кој во себе ги имаше впиено душите на паднатите смртници.

Ананија целиот престрашен почна да се тетерави да ја избегне напаста која одеше зад него и сакаше да ја проголта последната, негова душа на земјата затоа што сите веќе беа запечатени за темнината. Трчајќи забележа стебла кои гореа во огромни пламени, но не се сронуваа. Гробови се отвараа, но никој не излегуваше, го немаше Воскресението. Се слушаа гласови , се гледаа смртниците како се дават во пламенот на реката, и само врескаа од јадот и агонијата.

Тој трчаше со споени раце на своите гради. Како кедар разгранат широко го замислуваше Спасителот, како светла сјајна ѕвезда која се губеше и не ја гледаше веќе никаде. Итајќи што поскоро да стигне до портата на спасението. Ананија шепотеше во страшен трепет: – „Дали оној од кого сум ме заборави? Сонцата силно нека засветлат веќе! Дали оној кој не возљуби ќе ме прими внатре?“

Почна да мириса на каранфил и згаснати свеќи, се почувствува темјанот и загорениот трендафил. Стигна до портата, затропа и во часот постана целосен мрак…

Сестро спремете 120 волти. Еден… Два… Три… Сега… Во салата која што ја осветлуваше една светилка, светлината која што беше славата на постоењето, која трепкаше постојано како знак на гаснењето на животот и одновото раѓање. Одеднаш, се зачу пулсот на пациентот.

– „Пациентот е жив, рече докторот. Пациентот лежеше на постелата и почна да трепери.  Во полусвест изусти: – „Пуштете ме да ја видам светлината…“

***

Андреј Анѓеловиќ е роден во Куманово. За себе вели дека е млада личност која цени и пишува проза и поезија. Истакнува дека преку апстрактните делови на темнината пробува на еден затскриен начин да ги претстави вистинските слабости на реалноста, со надеж дека еден ден ќе се освестиме за мракот кој што самите ние го создаваме.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.