#РаскажиМи: „Селото на чудата“ од Димитар Арнаудов

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Село на чудата“ од Димитар Арнаудов.

Село на чудата

Им се налутив малку на моите семејни пријатели Достоевски и Ками, поради тоа што ме нарекоа крадец, но тие не знаат дека под крадец на оваа територија се подразбира успешен човек, човек кој ужива углед и кој вели дека чесно си ги заработил парите, па и дека ова е време на арамиите.

Петминутното континуирано одѕвонување на селското црквено ѕвоно беше причина Деметрин да ги отвори очите. Ако е недела, си велеше, тогаш да го затворам прозорецот и да продолжам да спијам, но што ако е понеделник, па да треба да станам и одам на работа?

Што правам јас во овој сад за овошје, наречен куќа? Дали сум малку зелен или презреан, ич не ме прашуваат соселаните. Па да си поспијам уште малку. Мислам дека е недела.

Средината во којашто живееше не му годеше на Деметрин. Кога не беше мрзелив сечеше големи дрвја и правеше чамец. Сакаше да отпатува. Ја лупеше кората, почна секојдневно да го вдлабнува. Копаше во него. Дрвото не беше без душа, но конечно доби изглед на чамец, со пар исто така изработени весла. Во него го почувствува спокојот и вистинскиот спас.

Надвор истураше дожд. Се измолкна од под црвената јамболија и некако стигна до трошниот прозорец и надвор ги виде селаните во џагор и врисок. Деметрин живееше сам во наследената куќа од неговиот прадедо, каде што единствено собата во која спиеше и јадеше беше останала колку толку зачувана, додека другите две соби беа уништени од влага и црвоточина. Некако сосила исчекори до речиси полната кофа со гнасна вода, која беше поставена на подот, точно под дупката на таванот од која капеше дождовница, погледна во неа и својата дарба за математика процени дека доколку врне со исто темпо уште три часа, кофата ќе биде полна, па тогаш, за да не прави дополнително непотребни излегувања надвор, ќе може да ја истури кофата врз калливата улица, токму кога ќе се наполни.

До кофата речиси полна со дождовница стоеше стара печка, а близу неа, Деметрин пред неколку дена остави голем трупец кој би го искористил доколку некогаш залади многу и за да не се симнува по и онака оштетените скали, би го ставил во печката и како што велеше тој, ќе тлее три ноќи, а токму три ноќи јас нема да излегувам од собата и ќе го завршам планот за заминување од селото.

Го зеде филџанот со чај, сварен претходната ноќ, онаа ноќ кога веќе беше цврсто решен да ја напушти работата и селото и да замине во најблискиот град.

Веројатно е понеделник, си помисли и отпи голтка од студениот чај. Неговиот другар од детството, Издислав, веќе неколку години беше монах во блискиот манастир, целосно оддаден на молитвен исихазам. Нив двајца најмногу ги сврзуваше љубовта кон шахот. Мора да признаеме дека тогаш Деметрин ја имаше страста и жарот за натпреварување и докажување, па беше се претплатил на сите списанија за шах кои излегуваа во тоа време и со својата упорност ја стекна почесната титула велемајстор во селото.

Издислав, веќе пораснато момче со нескршлив дух, без родители од својата четврта година, пред заминувањето во манастир макотрпно работеше за да се прехрани и да заштеди нешто за да може да го продолжи своето школување во градот. Но, можностите за заработка во селото беа мали, а тој немаше доволно заштедено за да плати едномесечна кирија во градот, реши да зачекори по патот кој води кон Бога и таму да го најде својот мир и спокој, па својата од Бога дадена дарба за сликање да ја искористи во обновувањето на фрескоживописот на стариот манастир.

Па и да е понеделник, си помисли Деметрин, јас и онака ќе ја напуштам работата и селото, зошто да не отспијам уште неколку часа?

Легна на металниот кревет, се покри со црвената јамболија и заспа. Деметрин се разбуди во ничија земја. Хоризонтот во празнината во која се најде беше опкружен со сива магла. До неговите стапала, врз песокта лежеше стар часовник кој ги кршеше познатите закони на физиката и течението на една минута беше како една секунда, а течението на еден час, како една минута. Иако му се чинеше необјасниво, бидејќи освен празнината и сивата магла на хоризонтот, во недоглед немаше ништо друго со што би можел да го спореди течението на времето, Деметрин се чувствуваше спокоен. Апатичната празнина го беше исполнила неговиот дух и спомнувајќи си за мудреците од Далечниот Исток, беше цврсто уверен (од тоа што го имаше прочитано) дека достигнал состојба на Нирвана.

Петминутното континуирано чукање на вратата од собата каде што спиеше Деметрин беше причина уште еднаш, во еден ист ден, Деметрин да ги отвори очите.

Неволно, со полуотворена уста му рече да влезе на оној кој тропа. Пред отворената врата се појави Издислав, но не облечен во монашко расо, туку во фармерки и кошула кој беше си ги купил со последните заработени пари и ги понел со себе, во манастирските одаи. Во еден здив, Издислав му кажа на Деметрин дека сабајлето дошол некој намесник од градот и им рекол на селаните дека за сите нив има обезбедено работа и убави, модерни социјални станови. Им дал рок три дена да се спремат и со автобус кој точно на третиот ден од сега ќе биде во центарот на селото, селаните ќе бидат пренесени во нивните нови домови. Од радост бил надвор џагорот и врисокот, се присети Деметрин.

Некако мрзеливо стана од креветот, сѐ  уште обземен од подносливото постоење на ничија земја, во апатична празнина опкружена со сива магла, тргна да побара алишта да се пресоблече, со левиот палец и показалец ги триеше очите кој беше ги затворил и наеднаш со десната нога згазна во кофата полна со дождовница, се потсопна и со главата удри во големиот трупец.

По трет пат Деметрин денес ги отвори очите, овојпат во болница, но целосно несвесен. Вигилна кома, дијагностицираше конзилиумот неврохирурзи. Живееше уште пет години. За време на тие пет години селото сосема се испразни, а селаните постанаа граѓани, со нови домови и средени животи, а дупката на таванот од куќата на Деметрин се рашири толку многу што небото беше видливо. На денот на неговата смрт од влага и црвоточина паднаа ѕидовите на неговата куќа.

Единствено недопрена остана книгата раскази со тврд повез Книга од песок од Борхес, врз која во натписот од златни букви сонцето ги рефлектираше своите зраци, оној жежок јули, кога пред дваесет и осум години се роди, а денес премина човекот од песок. Деметрин со сета своја мрзеливост го направи чамецот и веслата. Но никогаш не направи море.

***

Димитар Арнаудов е роден во Гевгелија, во 1988 година. Завршил Земјоделски факултет. Досега има објавено две книги – „Каучот на Фројд“ (2020) од страна на „ПНВ Публикации“ и „Ѕвезден часовник“ (2021).

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.