Радио МОФ@MOT: „Сиромашен и една 0“ и „Фауст“

Вчера, на сцената на Младинскиот културен центар, во рамки на Младинскиот отворен театар се одиграа претставите „Сиромашен и една 0“ и „Фауст“. Во продолжение рецензиите за двете претстави од Атанас Димитров и Јована Ѓорѓиовска.

Сиромашен и една 0“ е документаристички и танцов перформанс на “BADco” од Хрватска. Членовите на трупата се истовремено автори, кореографи и режисери на перформансот.  Вчера (недела, 1 октомври), перформансот се одржа во Кино Култура, како дел од театарскиот фестивал Млад отворен театар.

На самиот крај на 19 век, браќата Лумиер се едни од првите кои успеваат да снимат и проектираат филм пред публика, настан кој е трајно врежан во зачетоците на филмската историја. Филмот „Работниците ја напуштаат фабриката Лумиер во Лион“ е кратка снимка од 50 секунди, на која, како што кажува и насловот, работници излегуваат од фабричките врати на крајот на работниот ден и се упатуваат дома. Браќата Лумиер се, објаснуваат „BADco“, истовремено и првите режисери, првите кореографи, првите продуценти. Ги насочуваат работниците, го координираат и контролираат нивното движење низ камерата. Паралелно со тоа, тие се и индустријалисти.

Филмот, како медиум, го започнува својот подем во ерата на зголемена индустријализација, автоматизација. Невозможно е, а да не се создаде врска меѓу филмот и производството, филмот и капиталот. Сопствениците на капиталот спроведуваат студии на движења, анализи за тоа како со најмалиот број на чекори да постигнат најефикасно производство. Во режијата на браќата Лумиер, но и во многу од приказните и архетипичните дејства во светската кинематографија, „BADco“ го согледуваат класниот однос, надреден – подреден, режисер – актер, создавач – потрошувач, богат и сиромашен. Или, како што велат тие, 1 сиромашен и една 0.

Наспроти теоретската рамка која ја презентираат скоро професорски суво, членовите на трупата создаваат контраст со движењата на телото, со нивниот импровизиран танц кој се случува во игра со проекциите, лекциите и тонските парчиња. Облечени во сурогат  – работнички комбинезони, стојат на работ меѓу тоа да ја прифатат или одбијат улогата на извршители на наредби, на тоа да бидат сведени на проста економија на движења. Нивниот танц, некогаш слободен и течен, некогаш намерно механички, како да се подбива со лекциите кои на публиката и ги пропагираат мазните гласови од снимките. Со него, се бунтуваат против структурираниот живот, против апологетиката на капиталот, „слободното“ време кое грациозно ни го имаат отстапено работодавачите.  Сцената, во која перформансот практично ја дели со публиката, овозможува близок контакт меѓу трупата и гледачите.

Од друга страна, целосното разбирање на претставата бара подолг период на интроспективност по нејзиното завршување,  индивидуална освестеност за денешницата и можеби, поседување на информации кои не ги поседува секој гледач, затоа што актерската екипа ги адресира клучните пораки само имплицитно, практично висат во воздух во текот на целата претстава. Тоа не мора да значи дека овие прилики ќе пролетаат над главата на просечните гледачи, но за тие да се приближат до нив,најмногу би придонел поразвиен наратив, кој би и овозможил на публиката едно попластично доживување на постоечката анализа. Дополнително, иако одбраната сценска поставеност овозможува суптилно кршење на четвртиот ѕид, таа со себе носи и една (веројатно пресметана) мана: намерното попречување на публиката да ја види целата екипа одеднаш, како би можела да ја изгради големата слика.

Фауст

Текстот на Фауст, од Кристофер Марлоу, во случајов, е само отскочна даска, возило преку кое Урбан ја гради својата оригинална, авторска драма, чиј главен лајтмотиф се гревовите на општеството, цинично и саркастично разгледани преку седумте смртни гревови.

Ова е втора соработка меѓу Урбан и Битолскиот народен театар, како и драматургот Билјана Трајчевска – истата екипа пред неколку години ја постави и претставата Хамлетмашина, која исто така играше и на репертоарот на МОТ. Тие кои ја имале шансата да ја проследат Хамлетмашина, ќе препознаат неколку типични наративни елементи и стилскиот потпис на авторите и во „Фауст“ – потсмевање со авторитетите, подбивањето со публиката, четвртиот ѕид кој почнува затворен за полека, парче по парче, да биде скршен. Еднакво типично за Урбан и екипата е движењето на наративот од типичен, драмски театарски модел во кој секој ја следи својата улога, барем на кратко, до момент на прекршување, за потоа многу брзо да се излезе од рамката и целиот перформанс да се претвори во еден едвај контролиран хаос. Урбан таа игра со очекувањата ја прави намерно и вешто.  Овој впечаток дополнително го помага вкусната употреба на сценско светло, кое секогаш суптилно и со нежна рака ја преуредува инаку релативно празната сцена, како и музичката поддршка, која е доволно внимателно вградена за на моменти да заборавите дека всушност се изведува во живо, пред вас.

Жарот со кој играат актерите на Битолскиот народен театар и енергијата која не спласнува ни во еден момент од оваа, очигледно физички и психолошки истоштувачка претстава, се навистина за почит.  Оваа испраксираност, која успева во ниту еден момент да не прерасне  во рутинска, укажува на високото ниво на кое актерите и режисерот успеале да комуницираат, но и на искрената увереност во ставовите кои ги презентира Фауст како претстава и како порака.

Крешендото на претставата, во типичиниот панк/хардкор стил на Урбан, одлично ја истура врз публиката целата енергија која се гради во текот на целата претстава. Токму тука се „најгласни“ Урбан и Крајчевска, успевајќи на моменти со своето невидливо присуство да ги надвикаат и гласовите и сценската игра на актерите, кои се движат во некој меѓупростор измеѓу еуфорија и кататонија. Ако може нешто да им се замери на авторите, тоа би било единствено фактот што токму во овие последни моменти на претставата, премногу долго го истегнуваат крајот, како да сакаат да се осигураат дека апсолутно на сите во публиката ќе им стане јасна пораката за општествениот распад, дека мора сите да чувствуваат апсолутна гроза и срам за тоа каде одиме како цивилизација и да ѝ погледнат на вистината во очи, откако мнозинството тоа веќе го имаат направено. Или, можеби тоа е и намерата на Урбан и компанија, кои повторно си играат со нашите очекувања. Таму е и убавината на нивните претстави.

Фотографии: Атанас Димитров