Радио МОФ@MOT: Рецензии на „Антигона и Креонт“, „Бакнати од Сонцето“ и „Разговор во четири очи“

Антигона и Креонт

Класичната приказна за принцезата Антигона е еден од стожерите на драмската игра каква што ја знаеме денес –  ликови поголеми од животот, високи страсти, дела што ечат низ историјата. Откако двајцата браќа на Антгиона загинуваат вомеѓусебнабитка, на едниот – Поленик – кралот Креонт, чичкото на Антигона, му приредува херојски погреб. За телото на Етеокле, кој со својата агресија ја погазил честа на градот Теба, кралот наредува да нема никаков погреб, никакво жалење – неговите останки да бидат оставени таму каде што паднал, пред бедемите на градот, да се печат на сонцето, на милост и немилост на ѕверовите. Антигона, до тој момент блага и покорна, ја прекршува заповеста на кралот и симболично го погребува својот брат, изложувајќи се себеси на страшна казна. Останатото, како што велат, е историја.

Но, се не е толку едноставно.  Адаптацијата на Нела Витошевиќ и Театарот на навигаторот Цветко , препознава една многу важна работа – не постои само една Антигона и еден Креонт, тие од класичната претстава. Напротив, постојат толку ликови колку што има и толкувања. Театарот, времето, литературата, се живи работи. Па така, овие добро познати ликови ја надминуваат димензијата која им ја дал нивниот првичен писател. Низ многу итерации, играња, толкувања, се јавуваат нови, автентични ликови, кои различно го анализираат дејството кое, барем на првата изведба, публиката можеби го земала здраво за готово. Витошевиќ, во случајов, адаптира и ни претставува три различни верзии на Антигона и Креонт, истовремено – тие на текстот на Софокле, на Жан Ануи, и на Миро Гавран. Од синтагмата на овие три

Антигона три пати ја проживува својата судбина – но секој пат, на различен начин. Антигона на Софокле  е грандиозна, драматична, и апсолутно вградена во патот на својата судбина. Работата на нејзиниот Креонт е примарно да ја придвижи до нејзината конечна цел, играјќи го до самиот крај стоичниот жезлодржец. Антигона на Ануи е повлечена, горка и одлучна, додека нејзиниот Креонт се обидува да ја спаси од судбината, иако повеќе е окупиран од своите, државнички работи. Наспроти нив, Гаврановата верзија на Антигона не ја посакува својата смрт – таа е немила учесничка во политичките махинации на кралот, кој планира да ја искористи нејзината смрт за да се ослободи и од своите политички противници.

И покрај тоа што во многу нешта се разликуваат, ликовите, сепак, не можат да избегаат од судбината пропишана од нивниот создавател, писателот.

Во желбата на публиката да и се даде целосната слика, се случуваат, барем според мене, непотребни повторувања.После некое време, три различни верзии на три исти реплики преминуваат од интересни во предвидливи.  Не дека не е потребно да се претстават разликите во трите текстови за да се извлече поголемо разбирање, секако. Сепак, недостига дијалогот помеѓу трите верзии на ликовите, кои поголем дел од времето изгледа како да се вградени во истиот простор, но се уште да живеат во различни времиња. Можеби токму таа самосвест, тоа разбирање дека не живеат паралелно, туку истовремено и во времето и во просторот, ќе донесеше дополнителна вредност, подлабока анализа на нивните индивидуални мотивации и карактери.
За една ваква адаптација да биде вистински сврзана, потребно е од трите визии да се сублимира една, примарна, која ќе ни даде проширено разбирање за судбините на Антигона и Креонт. Ваква каква што е, „Антигона и Креонт“ е едно солидно, интересно остварување, кое по завршувањето ве остава со вкус на нешто добро, кое само со малку повеќе работа можело да биде одлично.

Бакнати од Сонцето

Бакнати од Сонцето е краток перформанс на Театарот Пи, под водство на Златко Митревски и Македонка Илиевска.  Во перформансот, учесниците со игра, танц, и иновативно користење на проектирани видео клипови, ги презентираат своите светогледи, говорат за нивните потреби, но и искажуваат една универзална љубов кон актерската игра, потребата за себе-изразување и потребата да бидат разбрани и прифатени од општеството.

Митревски и Илиевска успеваат како ретко кои домашни автори да создадат едно чувство на интима во перформансот, на дијалог без зборови меѓу публиката и актерите. Додека го гледате перформансот, се чувствувате вовлечени во внатрешниот свет на секој од актерите. Ги живеете и се соживувавте со нивните емоции, пренесени со една скоро детска искреност. Одлично аранжираниот музички избор, на моменти енергичен, хаотичен, подоцна смирен, интроспективен, само служи да го потенцира чувството на исполнетост, заокруженост, и да го олесни комуницирањето на примарниот наратив на перформансот. И токму во моментот кога почнувате да мислите дека тоа што го гледате е премногу, дека сетилата Ви се задоволени до нивниот максимум, перформансот завршува. Многу може да се збори за театарот, но една од одликите на вистински добрите автори е тоа што знаат кога и како да ја затворат приказната – без претенцзиозност, без непотребно проповедање.

Што се обидувам да кажам? Сакам да кажам дека екипата одлично гаѓа во целта. Накратко, Бакнати од Сонцето е можеби најдобрата македонска претстава која ја немате видено. Топло ја препорачувам.

Разговор во четири очи

Си размислувам откако излегов од претставава дека работата на рецензентот е прљава и неблагодарна. Некој работел со месеци, вежбал, адаптирал текстови, подготвувал костими, режирал, правел проби, за конечно, после толку работа, некој неранимајко како мене да дојде, да седи и да го гледа неговото чедо, пот и труд, и да каже – мене не ми се допаѓа ова. Кој смее да се дрзне да каже дека го има тоа право? Кое право, на крајот на краиштата, го има било кој да критикува?  Кога седнувам да напишам нешто, ми тежи ова на умот. Дека на крајот на денот, моево парче текст ќе остане да виси во етерот една цела дигитална вечност. Од друга страна, чувствувам потреба да си го кажам своето. За тие читатели, пет,десет, илјада или колку и да се, да им соопштам нешто – да се обидам да им го приближам тоа што сум го гледал, да им дадам совет за тоа дали вреди или не да го гледаат и што да очекуваат. Исто како што различни режисери или драматурзи можат да направат драстични промени во тоа како се толкува едно исто дело, така, најверојатно, сумата на нашите искуства и очекувања значи дека гледачите ќе излезат од истата сцена со различни впечатоци. Па, доколку некогаш некого сум повредил со тоа што го пишувам овде, се извинувам и замолувам за разбирање. Најдобронамерно е, ветувам. Исто како и тие кои работат на сцената, се надевам дека со тоа што го пишувам барем малку придонесувам за театарот да расте и да се развива.  Имајте го тоа предвид кога ќе читате нешто од мене.

Разговор во четири очи е претстава на Нина Николиќ, според адаптиран текст на Ингмар Бергман. Во неа, актерите на Македонскиот народен театар го истражуваат животот на Ана Бергман, мајка, сопруга и љубовничка,  преку согледувањето на нејзините односи со ликовите кои имале најголемо влијание во нејзиниот живот. Овие ликови се истовремено и своевидни архетипи. Вујкото на Ана е постар свештеник, на кого Ана можеби најдлабоко му верува и на кого му се доверува за своите најголеми тајни.  Мајката на Ана, пак, е строга, силна жена која се обидува да ја води својата ќерка низ животот, некогаш и против нејзината волја. Сопругот на Ана,  истовремено слаб и несигурен во себе, но насилен и наметлив во својата слабост. Љубовникот на Ана, млад студент по теологија, кој многу брзо разбира дека со тоа што влегол во нејзиниот живот најверојатно одгризал повеќе од што може да соџвака. Конечно, во претставата ја среќаваме и помладата верзија на Ана, пркосна, самоволна, и тврдоглава. Сите овие ликови тежат на психата на Ана,  која почнува да пишува дневник, од желба да го сочува својот разум, или можеби само за на својата ќерка, која го наоѓа дневникот, да и покаже колку малку знае за жената која ја израснала.

Интересната приказна  и искусната екипа на МНТ, би требало да значат дека претставата ќе понуди нешто интересно и вредно за гледање. Сепак, за мене, на крајот нешто недостигаше. Недостигаше чувство на автентичност, на вложеност во текстот и на наштиманост. Дури и во најинтензивните сцени, зборовите не оживеаа на сцената. Репликите беа таму, играта беше таму, но недостигаше жарот. Начинот на кој беше игран текстот беше крут. Исклучок за ова можеби беше само Петре Арсовски, во улогата на Вујкото, кој достојно го одигра ликот, со сета тежина и мудрост која се очекува од еден искусен стар свештеник на залезот на своите години.  Истото важи и за  адаптацијата на текстот која беше, немам друг начин да го кажам тоа, здрвена. Кога ликовите ги играат своите редови како по формула, како на рецитал, крајниот резултат не може да биде различен. Се надевам дека во некоја наредна продукција ќе можеме да ги видиме овие актери, за кои не се сомневам дека можат и знаат да играат повеќе од ова, во некое подобро светло.

Атанас Димитров