Работилница утре во Битола: Артист и музичка индустрија

Под водство на младата музичарка Атанасија Гулевска – АТА, утре (1 јули) во кристалната сала на Офицерскиот дом, ќе се одржи работилница со име „Артист и музичка индустрија (бизнис релација или долгогодишно пријателство)“.

Организатор на настанот е Независна музичка сцена Битола, а почетокот е од 11 часот. Влезот е слободен.

„Повеќето од младите музички артисти, освен талент и силна желба немаат искуства со музичката индустрија. Како од свирење во „детската“ или гаража до сцена и фестивали? Кој е патот кој треба да се изоди? Каков е системот на музичката индустрија? Професионалци во музичката индустрија. Креација наспроти кариера? Примери за успешни младински непрофитни организации и нивна поддршка на артисти… Ова е муабетот, Ваше е да дојдете“, стои во најавата за настанот.

Инаку се работи за работилница во рамките на мини проектот „Зајакнување на независната музичка сцена во  Битола“. Работилниците се поддржани од европската фестивалска мрежа MOST и Creative Eu. Работилницата е наменета за зајакнување на капацитетите и вештините на локалните музички артисти и организации кои работат со нив. На работилниците ќе се зборува за различните аспекти на градење музичка кариера, од гаража до фестивали, начин на градење препознатливост, запознавање во музичката индустрија и релации, примери за успешни младински организации на ова поле и др.

Идејата на независната музичка сцена е музичките артисти на локално ниво да се здружат, да ги детектираат своите потреби и во соработка со локалната самоуправа и други истанци да ги решаават во правец на подобрување на условите за креирае, градење музичка кариера и др. Паролата на оваа иницијатива е „За бенд ти треба френд“, стара бендовска изрека која алудира на тоа дека само здружени можеме да постигнеме промени.