[Психолошко катче] Aнксиозноста во училишните клупи

Со почетокот на учебната година заедно со учениците во училиштата доаѓа и анксиозноста.

Најпрво се забележува  на првиот училишен ден, кај оние кои за прв пат влегуваат во новото училиште. Можете да ја забележите во загриженоста  во очите, во згрченоста или тресењето на телото, во треперењето на гласот. Очекувањата поставени пред нив се големи, од самиот себе, од семејството, од врсниците, од наставниците.

Особено е истакната во време на испрашувања и оценки. Образовниот систем го наметна тестирањето како доминантен метод на оценување. Ова, за една група ученици е извор на голема анксиозност…ограничено време, големи класови и многу често малку  можности за поправање на оценка доколку се потфрли. Секој наставник има свои барања, често се случува да се закажуваат повеќе тестови во иста недела, дури и ист ден.

Стравот „дека не смеам да погрешам“ многу често е парализирачки за некои ученици. Притисокот од „сите петки“ за амбициозните ученици, кои се перфекционисти, произлегува од  потребата да добијат потврда дека се добри и прифатени. Некогаш несигурноста е многу голема, потврдата од околината е недоволна, не можат да се справат со притисокот и почнуваат да развиваат различни манифестации на анксиозност.

Од друга страна и слабите постигнувања и оценки во училиште се извор на анксиозност. Тогаш ученикот се бори со сопственото доживување на неуспех, разочарување за неисполнување на очекувањата, со незадоволство кај родителите.

Реакциите и очекувањата на родителите, нивното дете да е успешно во училиште се додатен притисок за ученикот. Многу често тие ја пренесуваат својата анксиозност врз ученикот, без обид да „влезат во неговите чевли“, да го слушнат, разберат и поддржат. Во нашата култура доминира верувањето ако детето има добри оценки, тогаш е се  во ред со него и тогаш родителот има можност да ги намали своите стравови дали е добар родител.

Врсниците и прифаќањето од нивна страна се центарот на социјалниот живот на адолесцентот. Дали ќе бидам прифатен со мојот изглед, моето тело, сексуалност, емоции, ставови, стил на живот, се клучните прашања на кои  трага по одговори секој ученик. Некогаш потврдата од околината не е доволна.

Карактеристична за овој период е и потребата за индивидуалност и независност, потреба да се биде свој и да се има слобода на избор. Многу често извор на анксиозност е и социјалниот контекст кој е полн со ограничувања, како недоволни можности во општеството, безперспективност, сиромаштија.

Кога е преплавен со анксиозност ученикот може да се повлече и изолира, засрамен од својата состојба, да изостанува од настава или да развие ризично однесување изложувајќи се на експериментиање со алкохол, дрога или импулсивно сексуално реагирање, за да ја намали напнатоста.

Анксиозноста е многу сложено чувство на напнатост, несигурност и можна закана. Се огледа во пренагласено реагирање кое не соодветствува на реалната ситуација, како плачење, тага, фрустрација и лутина, презагриженост, безнадежност.

Пропратена е со манифестации на автономниот нервен систем (срцебиење, напнатост во мускулите и грчеви, болки во стомакот, главоболки, несоница, тресење, хипервентиација, препотување кои се појавуваат кога едниката предвидува можна опасност или закана од физичка или психолошка природа.

Што да се прави во ваква ситуација? Поддршката од семејството, училиштето и врсниците е клучна. Наставниците треба да ги препознаат овие манифестации кај ученикот и да имаат разбирање и поддршка.

Во семејството е многу важно да се зборува за стравовите и грижите на ученикот, но не со негирање („Ништо не ти е“ или „Ќе ти помине“), или со отстранување на причините кои ја предизикуваат, туку со учење на начини како ученикот да се справи со анксиозноста кога ќе го преплави, како да ја прифати, бидејќи не може да ја елиминира. Многу е важно да се постават реалистични цели и очекувања, во однос на оценките на ученикот, однесувањето на врсниците и сл. Клучна е поддршката во насока на охрабрување на ученикот дека тој може да се справи, дека се ќе биде во ред, дека има можност за подобрување на успехот или прифаќањето од страна на околината.Потсетување и повикување на минати искуства во кои ученикот успешно се справил е важна поддршка. Важно за адолесцентот е да знае дека каков и да биде исходот од училишниот успех или социјалната прифатеност, родителот го прифаќа и е тука за него.

Во секојдневното живеење анксиозноста е вообичаена појава, но нејзиниот интензитет, пропратни симптоми и траење, можат да бидат такви да го попречуваат нормалното функционирање на единката. Во таков случај анксиозноста може да се манифестира како паничен напад, фобија, сепарациона анксиозност, селективен мутизам, генерализирано анксиозно нарушување или размислување за самоубиство. Во вакви случаи потребно е да се  побара стручна помош.

Ана Попризова, психолог